Ekipa
18 Февруари 2018•Ажурирај: 19 Февруари 2018
ПЈОНГЧАНГ (АА) - Еден од руските репрезентативци на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг падна на допинг тестот, изјави портпаролот на руската олимписка делегација, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што пренесуваат руските медиуми, Константин Виборнов, портпаролот на спортистите-олимпијци од Русија, потврди дека делегацијата добила официјална потврда од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) за позитивен тест за допинг.
Виборнов рече дека ќе биде анализиран и примерокот Б на спортистот кој не го именуваше, ниту наведе во кој спорт се натпреварува.
На Зимските олимписки игри во Пјонгчанг можат да учествуваат само оние спортисти од Русија,кои беа поканети од страна на Меѓународниот олимписки комитет, но во неутрална форма, без знаме и химна.
Јапонскиот репрезентативец во брзо лизгање Каи Саито е првиот спортист суспендиран поради допинг на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг.