Merve Berker
01 Јуни 2024•Ажурирај: 03 Јуни 2024
ГЛАЗГОВ (АА) – Пред почетокот на квалификацискиот натпревар за Европското фудбалско првенство за жени 2025 година меѓу Шкотска и Израел на стадионот Хампден во Глазгов, еден демонстрант се врза за стативата во знак на протест против израелските напади на Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Натпреварот меѓу Шкотска и Израел се одигра зад затворени врати од безбедносни причини, но едно 19-годишно момче успеало да влезе на теренот и да се врзе за столбот од голот во знак на протест поради континуираните воени напади на Израел врз Газа.
Локалните медиуми објавија дека натпреварот започнал по 45 минути задоцнување, а атмосферата дополнително се разгорела откако израелските фудбалерки истакнале порака испишана на нивните дресови за ослободување на израелските заложници што ги држи Хамас.
Стотици луѓе се собраа пред стадионот во Глазгов, носејќи палестински знамиња и симболични ковчези, како израз на зголеменото негодување на јавноста поради нападите на Израел врз Газа.
Најмалку 36.284 Палестинци се убиени, од кои 15.328 деца и 10.171 жени, а 82.057 се ранети во израелските напади на палестинската енклава од 7 октомври минатата година.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од милион раселени Палестинци побараа засолниште.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.