Ekipa
09 Февруари 2019•Ажурирај: 11 Февруари 2019
ЛОС АНЏЕЛЕС (АА) - Статуа на Дејвид Бекам (43), некогашниот капитен на фудбалската репрезентција на Англија, следниот месец ќе биде откриена пред стадионот на Лос Анџелес Галакси, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бекам за клубот од Лос Анџелес играше 6 години, почнувајќи 2007 година. Со ЛА Галакси освои две шампионски титули во американската Мејџор Лига Сокер (МЛС) во 2011 и во 2012 година.
Англичанецот ќе стане прв фудбалер во историјата на МЛС кој добил статуа. Таа ќе биде претставена на 2 март во „Dignity Health Sports Park“, комплекс во кој се наоѓа стадионот на фубалскиот клуб ЛА Галакси, пред почетокот на натпреварот во новата фудбалска сезона против Чикаго Фајр.
Интересно е дека Бекам во моментов е косопственик на клубот во експанзија, Интер од Мајами, кој во МЛС би требало да се приклучи во 2020 година.
Бекам кариерата ја започна во Манчестер Јунајтед со кој се прослави и го носеше дресот од 1992 до 2003 година, кога премина во Реал Мадрид. Потоа премина во ЛА Галакси, а накратко се врати во Европа и играше за Милан и Пари Сен Жермен (ПСЖ). Во времето додека беше играч на Јунајтед, една полусезона помина како позајмен играч во Престон. За репрезентацијата на Англија одигра 115 натпревари и постигна 17 погодоци.