Emre Aşıkçı,Can Erözden
09 Јуни 2023•Ажурирај: 10 Јуни 2023
ИСТАНБУЛ (АА) – Истанбул е подготвен за новите шампиони на Европа, пишува Анадолу.
Турската метропола е домаќин на утрешното финале во Лигата на шампиони меѓу Манчестер Сити и милански Интер.
Финалето од Лигата на шампиони по речиси две децении се враќа на Олимпискиот стадион „Ататурк“ во Истанбул, кој може да прими 72.000 навивачи.
Јасно, љубителите на фудбалот копнеат за реприза на трилерот од 2005 година наречен „Чудото од Истанбул“, финалето на Лигата на шампионите во кое исто така играа англиски и италијански клуб.
Тогаш Ливерпул, предводен од Стивен Џерард, против Милано заостануваше три гола на полувремето за само шест минути, се избори за пенали и на крајот оствари историска победа.
Беше тоа најдоброто европско финале од 1960 година, кога Реал Мадрид во Глазгов го совлада Франкфурт со резултат 7:3.
Победата на Манчестер Сити би му донела пехар со кој би ја комплетирал блескавата трофејна витрина на клубот.
Интер Милан, пак, од друга страна, ја сака првата титула првак на Европа по 2010 година, кога Жозе Мурињо го предводеше од клупата до славниот трофеј.
- Патот на Сити до Истанбул
Манчестер Сити играше во сите натпреварувања во Лигата на шампионите од сезоната 2011/12, но сè уште го нема подигнато посакуваниот трофеј.
Утрешниот меч е нивно второ финале во три сезони, по поразот во 2021 година од англискиот ривал Челзи во Порто.
Тимот на Жусеп „Пеп“ Гвардиола оваа сезона беше во импресивна форма и ќе излезе на теренот како голем фаворит.
Сити беше прв во Групата Г, а потоа го совлада РБ Лајпциг во осминафиналето благодарение на големата победа на домашен терен од 7:0 во која Ерлинг Халанд пет пати постигна гол.
Следен беше германскиот моќен Баерн Минхен. По убедливите 3:0 во првиот натпревар, англискиот првак за возвратниот натпревар одигра 1:1, што беше доволно за сигурен премин во полуфиналето.
Нивниот најголем предизвик, барем на хартија, беше полуфиналето против бранителот на титулата Реал Мадрид.
Меѓутоа, нештата на теренот се покажаа сосема поинакви. Бидејќи англиските прваци во првиот меч во Мадрид одиграа 1:1 на свој терен го совладаа „кралскиот клуб“ со убедливи 4:0, со што Сити си резервира место во Истанбул со вкупна победа од 5:1.
- Патот на Интер до Истанбул
Интер Милан има силно европско педигре, благодарение на последователните титули во 1964 и 1965 година, а својата последна титула во Лигата на шампиони ја освои во 2010 година кога на мадридскиот стадион „Сантијаго Бернабеу“ го победи Баерн Минхен со резултат 2:0.
Оваа сезона екипата на Симоне Инзаги ја заврши Групата Ц како второпласирана, по што во осминафиналето и четвртфиналето ги совлада португалските клубови Порто и Бенфика.
Во полуфиналето играше против градскиот ривал АЦ Милан, кој го совладаа со вкупен резултат од 3:0.
Интер заврши трет во Серијата А оваа сезона, но го освои Купот на Италија во мај и ќе се потруди во својата витрина оваа сезона да го додаде најзначајниот трофеј во Европа.
- Статистика
Манчестер Сити оваа сезона го има најдобриот скор во Лигата на шампиони со 31 постигнат гол, значително повеќе од Интер кој постигна 19 погодоци.
Халанд е најдобриот стрелец со 12 гола и ќе биде главната закана кон голот на Интер во финалето.
Напаѓачот на Интер, репрезентативецот на Босна и Херцеговина, Един Џеко, оваа сезона постигна четири гола во Европа.