10 Октомври 2019•Ажурирај: 10 Октомври 2019
ДОРТМУНД (АА) - Германскиот фудбалски репрезентативец Емре Џан оваа сезона игра многу малку за Јувентус, поради што, како што вели, не е среќен, но верува дека ќе добие нова можност. За разлика од статусот во Јувентус, во германската репрезентација ситуацијата е поразлична, бидејќи селекторот Јоахим Лев и понатаму му верува на Џан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во пријателскиот натпревар против Аргентина во Дортмунд кој синоќа заврши со резултат 2:2 , Џан на теренот помина 90 минути, поради што му е благодарен на германскиот селектор.
„Моментално не сум среќен во Јувентус. Не играм многу. Минатата сезона играв многу за Јувентус, посебно во важните натпревари, а и играв добро. Не добивав премногу шанси оваа сезона, но мислам дека кога ќе се вратам во клубот ќе играм повторно. Дефинитивно сум му благодарен на Јоахим Лев, бидејќи не играв многу, но тој и понатаму ме вика во репрезентацијата. Тоа е причината зошто сум среќен, бидејќи играв“, изјави Џан по синоќешниот дуел со Аргентинците.
Дваесет и петгодишниот фудбалер за врска од доаѓањето на Маурицио Сари на клупата на Јувентус падна во втор план. За Лигата на шампиони не е ниту пријавен, а во Серијата А одигра 78 минути во три натпревари.
Џан во „старата дама“ дојде во 2018 година како слободен играч од Ливерпул. Претходно играше за Баерн и Баер Леверкузен. Во дресот на репрезентацијата на Германија има одиграно 23 натпревари и постигна еден гол.