Kemal Zorlak
01 Октомври 2020•Ажурирај: 01 Октомври 2020
САРАЕВО (АА) - По вечерашниот реванш натпревар од плеј-офот во Лигата на шампиони на УЕФА познати се и последните тројца учесници во групната фаза од елитното натпреварување, тоа се австрискиот Салцбург, дански Митјиланд и рускиот клуб Краснодар, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Вечерва се одиграа трите последни реванша од плеј-офот во Лигата на шампиони, со што се познати сите учесници на најелитното европско фудбалско клупско натпреварување.
Екипата на австриски Салцбург на „Ред Бул“ арената во Салцбург славеше со резултат од 3:1 против израелскиот Макаби Тел Авив. Стрелци за Салцбург беа Дака, во два наврати и Собослаи, додека голот за гостите го постигна Карзев. Во првиот натпревар Салцбург во Тел Авив славеше со резултат од 2:1, со што со вкупни 5:2 се пласираше во групната фаза од Лигата на шампиони.
Во вториот вечерашен натпревар силите ги одмерија данскиот шампион Митјиланд и чешката Славија Прага, а резултатот беше 4:1 за домашниот тим. Чешката екипа имаше водство во третата минута од средбата, а потоа прими четири гола и се прости од квалификациите. Во Чешка во првата средба беше нерешено 0:0. Стрелец за прашкиот тим вечерва беше Олаинка, а за противничката екипа Каба, Шолц, Ониека и Дрејер. Ова е прв пласман во групната фаза од Лигата на шампионите за Митјиланд.
Третиот вечерашен плеј-оф натпревар меѓу грчки ПАОК и руски Краснодар се одигра на стадионот „Тумба“ во Солун. Краснодар славеше со резултат 2:1. Со идентичен резултат Русите славеа и во првиот натпревар и заслужено се најдоа во групната фаза на Лигата на шампиони. Головите за Краснодар ги постигнаа Кабела и Михаилидис (автогол), а за домаќините стрелец беше Ал Кадури.
Извлекувањето на групите во Лигата на шампиони за сезоната 2020/21 ќе се одржи утре во Женева со почеток во 17 часот, кога ќе се одржи и манифестацијата за избор на најдобар фудбалер во Европа за минатата сезона, во организација на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА).