Oktaj Omeragikj
24 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
СКОПЈЕ
По вчерашните натпревари во групите Е и Ф познати се сите учесници од осминафиналето на Европското фудбалско првенство ЕВРО 2020, пренесува Агенција Анадолија (АА).
- Група Е
Во групата Е се одиграа последните два натпревари од групната фаза на кои се сретнаа Шведска - Полска и Словачка - Шпанија. И двата натпревари започнаа во 18:00 часот.
Репрезентацијата на Шведска ја совлада Полска со 3:2. Иако репрезентацијата на Шведска поведе со 2:0, благодарение на головите што ги постигна Емил Форсберг во 2. и 59. минута од натпреварот, полскиот голгетер Роберт Левандовски кој ги брани клупските бои на германскиот Баерн Минхен ја врати Полска во игра со двата погодоци постигнати во 61. и 84. минута. Сепак, отпорот на Полска не издржа и Шведска со голот на Виктор Клесон во судиското продолжение во 90.+3. минута ги постави конечните 3:2. Со оваа победа на Шведска го освои првото место во групата со 7 бода.
Во вториот натпревар во оваа група Шпанија ја совлада Словачка со резултат 5:0. И покрај одличните одбрани на голманот на Словачка во првите 30 минути од натпреварот и одбранетиот шут од белата точка на Алваро Мората во 12. минута од средбата, Шпанија поведе со 1:0 со автоголот што го постигна словачкиот голман Мартин Дубравка. Во судиското продолжение на првото полувреме, во 45.+3. минута Шпанија поведе со 2:0 со голот на Ајмерик Лапорте. Во второто полувреме во 56. минута Шпанија поведе со 3:0 преку Пабло Сарбиа, а во 67. минута веќе дојде до резултат од 4:0. Мрежата на Словачка ја затресе Феран Торес. Во 71. минута со автоголот на Јурај Кучка беше поставен конечниот резултат од 5:0 и висока победа на Шпанија за второ место во групата.
- Група Ф
И во групата Ф се одиграа последните два натпревари од групната фаза. На средбите што се играа во 21:00 часот, се сретнаа Германија - Унгарија и Португалија - Франција.
Дуелот меѓу Германија и Унгарија не започна поволно за Германија, која беше апсолутен фаворит. Унгарците веќе во 11. минута поведоа со 0:1 преку Адам Салаи. Со овој резултат се замина на полувреме. Во вториот дел Германците во 66. минута го изедначија резултатот на 1:1 со голот на Кај Хаверц, по грешката на голманот на Унгарија, Петер Гулаши, кој по центаршутот пред неговиот гол, ја промаши топката во обид да ја боксува. Германците не стигнаа ниту да се израдуваат на израмнувањето на резултатот, а Унгарците, тргнувајќи од центарот, во 68. минута преку Андрас Шафер повторно преминаа во водство од 1:2.
Репрезентацијата на Германија го зголеми притисокот на голот на Унгарија и во 84. минута со голот на Леон Горецка го изедначи резултатот на 2:2, со кој и заврши натпреварот. Германија со овој нерешен резултат го освои второто место во групата со 4 бода.
Во вториот натпревар од оваа група се сретнаа Португалија и Франција. Португалија поведе со 1:0 во 30. минута со голот што Кристијано Роналдо го постигна со удар од белата точка. На крајот од првото полувреме, во 45.+3. минута од судиското продолжение, Карим Бензема го изедначи резултатот на 1:1.
На самиот почеток од второто полувреме, веќе во 47. минута Франција поведе со 1:2 со вториот погодок на Бензема. Франција продолжи со притисокот на голот на Португалија, но во 60. минута беше досуден уште еден пенал за Португалците, кој Роналдо уште еднаш го претвори во гол и го изедначи резултатот на 2:2. До крајот на натпреварот Франција продолжи со нападите, а Португалија како да беше задоволна од нерешениот резултат кој ѝ носеше пласман во осминафиналето на ЕРВО 2020 и не ризикуваше премногу во преостанатиот дел од средбата.
По оваа средба, Франција го освои првото место во групата со 5 бода, а Португалија е трета со 4 бода.
Со последните натпревари во групите Е и Ф завршена е групната фаза од ЕВРО 2020. Според правилата на ова Европско фудбалско првенство, пласман во осминафиналето обезбедуваат двете првопласирани репрезентации во секоја група и најдобрите четири третопласирани репрезентации.
Според постигнатите резултати, во осминафиналето на ЕВРО 2020 ќе ги гледаме репрезентациите на Италија, Велс, Австрија, Данска, Холандија, Чешка, Белгија, Португалија, Хрватска, Шпанија, Франција, Швајцарија, Англија, Германија, Шведска и Украина.
Меѓу осминафиналистите, како најдобро третопласирани репрезентации се најдоа тимовите на Швајцарија, Чешка, Португалија и Украина.
Распоред на одигрувањето на осминафиналните натпревари:
26 јуни
18:00 Велс - Данска
21:00 Италија - Австрија
27 јуни
18:00 Холандија - Чешка
21:00 Белгија - Португалија
28 јуни
18:00 Хрватска - Шпанија
21:00 Франција - Швајцарија
29 јуни
18:00 Англија - Германија
21:00 Шведска - Украина