Fatih Erel
21 Септември 2018•Ажурирај: 22 Септември 2018
ИСТАНБУЛ (AA) – Европската фудбалска федерација (УЕФА) може да гласа за промена и заслужено на Турција да ѝ го додели местото на земја домаќин на Европското првенство во 2024 година, смета Сервет Јардимџи, претседател на Фудбалскиот сојуз на Турција и член на Извршниот одбор на европската куќа на фудбалот.
„Извршниот одбор на УЕФА на 27 септември ќе се состане во Нион и ќе донесе одлука за тоа кој ќе биде домаќин на ЕУРО 2024, а во игра се две земји кандидати, Турција и Германија“, рече Јардимџи во разговорот за Anadolu Agency (AA).
Напоменувајќи дека Турција по четврти пат се кандидира за организација на Шампионатот, Јардимџи истакнува дека овој пат се повеќе од спремни.
„Уште во 2010 година на УЕФА ја предадовме кандидатурата за ЕУРО 2016. Тогаш дадовме ветување и ги презедовме обврските да можеме да го организираме ЕУРО 2016. Поминаа осум години. Сега велиме дека сме повеќе од спремни, бидејќи ги надминавме сите ветувања кои се неопходни да се преземат“, вели претседателот на турскиот Фудбалски сојуз, и додаде:
„Сакаме промена, нова нација која ќе го искористи предизвикот каков што видовме во Русија. Зошто Турција не би можела да биде нова нација која ќе му покаже на светот дека може да го организира најуспешното Европско првенство досега?“
- Попривлечна кандидатура -
Тој нагласи дека географската положба на Турција е предност во однос на противкандидатот, и додаде:
„„Туркиш ерлајнс“ успешно расте со години, а денеска директно лета на 200 дестинации. Тоа е најуспешната авиокомпанија во светот. Турција во секој поглед е повеќе од спремна да биде домаќин на турнирот. Сега мора да биде времето Турција да ја добие привилегијата да го организира овој голем турнир, отколку местото на земја домаќин да им припадне на традиционалните европски земји.“
Турција и Германија ги предадоа кандидатурите на УЕФА, а Извршниот одбор ги оценуваше предностите и недостатоците на двете понуди. Јардимџи вели дека УЕФА в петок ќе ги објави првите реакции на кандидатурите, како и тоа дека тогаш би можело да се знае која земја има поголеми шанси.
„Сигурни сме дека нашата понуда е попривлечна и финансиски многу подобра од нашиот конкурент. Иако не знаеме како изгледа кандидатурата на другата страна, а тоа ќе го знаеме в петок. Бевме преокупирани со нашата кампања, комунициравме со нашите пријатели и се надеваме дека ги уверивме нашите колеги членови на Извршниот одбор. Но, на 27 септември ќе ја дознаеме одлуката“, истакна Јардимџи.
- Поголема финансиска корист
Нагласувајќи дека Турција во кандидатурата истакнала дека натпреварите ќе ги игра на десет стадиони, од кои веќе осум се изградени, Јардимџи наведува дека просечната старост на објектите е три години и дека се понови од германските.
„Владата на Турција даде и финансиски и правни гаранции. Во текот на турнирот нема да наплатуваме превоз на навивачите низ Турција, а финансиската корист за УЕФА ќе биде поголема отколку од Германија“, рече Јардимџи.
Мотото на турскиот ЕУРО 2024 е „Споделуваме заедно“, со што сака да се покаже надеж луѓето да ѝ се приближат на страста која ја донесува фудбалот.
Доколку Турција го добие местото на земја домаќин на Европското првенство во 2024 година, натпреварите ќе се играат на следните десет стадиони: Олимпискиот стадион „Ататурк“ и стадионот на Спортскиот комплекс „Али Сами Јен“ во Истанбул, стадионот „Метрополитен“ во Газиантеп, стадионот „Метрополитен“ во Коња, стадионот на Спортскиот комплекс „Шенол Ѓунеше“ во Трабзон, новиот стадион во Коџаели и новиот стадион во Анкара.