Ahmet Gürhan Kartal
24 Март 2022•Ажурирај: 25 Март 2022
ЛОНДОН (АА) - Претседателот Владимир Путин веќе го премина прагот на варварството во војната на Русија со Украина, изјави денеска британскиот премиер, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи за радиото „Ел-би-си“ (LBC) пред неговото заминување на вонредниот Самит на НАТО во Брисел, Борис Џонсон рече дека разговорите продолжуваат за „новите црвени линии за хемиски, биолошки, тактичко нуклеарни оружја и друго“.
„Според мене, црвената линија е веќе премината. Тој неселективно бомбардира цивилни центри. Предизвикува огромен број жртви од целосно недолжно население“, рече тој.
Неговите забелешки доаѓаат пред Самитот на лидерите на земјите членки на НАТО, на групата Г7 и на ЕУ во Брисел кои ќе разговораат за понатамошните мерки против Русија додека војната во Украина влегува во вториот месец.
Џонсон рече дека Велика Британија испратила „околу 4.000 противтенковски оружја“, во Украина.
„Ќе испратиме многу повеќе во текот на следните неколку дена, уште 6.000 проектили и друго“, рече тој.
„Можеме ли да направиме повеќе за да го запреме да ги употребува неговите златни резерви, на пример, покрај неговите готовински резерви?“, праша тој.
„Со тоа што ќе извршиме притисок сега, особено на работите како што е златото, верувам дека можеме да ја прекинеме војната.“
Новата помош за Киев, објавена од Велика Британија денеска наутро вклучува „6.000 проектили, составени од противтенковско и високоексплозивно оружје и 25 милиони фунти (околу 33 милиони евра) како финансиска поддршка на украинската војска“, според соопштението на Владата.
„Со повеќе од 10.000 проектили, повеќе од двојно е зголемена одбранбената воена помош обезбедена до денеска, со вкупна вредност од 400 милиони фунти кои Велика Британија ги обезбеди како хуманитарната и економската помош за кризата.“
Џонсон зборувајќи дека „меѓународната заедница се соочува со избор“ кога е во прашање украинската криза, истакна: „Можеме да го држиме пламенот на слободата жив во Украина, или да ризикуваме да биде згаснат низ Европа и светот.“