Mustafa Melih Ahıshalı
29 Јануари 2017•Ажурирај: 29 Јануари 2017
TЕХЕРАН (АА) - Шефот на иранската дипломатија, Џавад Зариф, смета дека забраната за влез на мигранти во САД е најдобриот подарок за приврзаниците на радикалните движења, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Доналд Трамп потпиша декрет со кој 90 дена им е забранет влезот на мигрантите од т.н. „земји поврзани со тероризмот“, а меѓу нив се Ирак, Либија, Сирија, Иран, Судан, Сомалија и Јемен.
„Забранетиот влез за муслимани во САД е најдобриот подарок за поддржувачите на радикализмот. Ова е целосно неоснован потег и показател дека оваа земја не е пријател на иранската нација и на муслиманите. На Меѓународната заедница ѝ се потребни дијалог и соработка“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Зариф, преку социјалните мрежи.
Претходно, официјален Техеран најави дека ќе дејствува во согласност со правилото на реципроцитет, додека САД не ја укине забраната којашто ги навредува граѓаните на Иран.
Федералниот суд во Њујорк објави вонредна одлука со која привремено се забранува САД да ги депортира луѓето од земјите за кои претседателот на САД, Доналд Трамп, им забрани влез во земјата.
Судијката Ен Донели синоќа издаде наредба откако адвокатите на Американската унија за граѓански слободи поднесоа тужба во име на лица од седум муслимански земји задржани на аеродромите низ земјата, откако забраната за нивен влез стапи на сила.
Оваа одлука, која важи за територијата на целата земја, ја поздравија големи број демонстранти кои се собраа пред судницата во Бруклин.