Elvir Hociç
12 Јули 2016•Ажурирај: 13 Јули 2016
ЊУЈОРК (АА) - Илјада њујорчани вчера се собраа во центарот на Менхетен за да уживаат во спектакуларната глетка на Менхетнхенџ, ретка појава во која сонцето заоѓа точно во линија со главните улици на Менхетен, јавува Anadolu Agency (AA).
Менхетнхенџ се случува двапати годишно, и тоа на 28 мај и на 12 јули, но секој пат одново ги воодушевува њујорчаните и туристите, кои уживаат во романтичното зајдисонце што се спушта низ улиците коишто се прецизно позиционирани во насоката исток-запад.

Оваа нереална глетка во средината на метежот и вревата со сигурност ќе ве остави без здив и на момент ви дава чувство на смиреност, при што њујорчаните се опуштија и направија незаборавни фотографии на улиците облеани со златната светлина на зајдисонцето. Таа можност ќе ја имаат и вечерва, со оглед на тоа дека сонцето токму денес прецизно заоѓа на улиците на Менхетен.
Терминот Менхетнхенџ го популаризираше Нил де Грас Тајсон, њујорчанец и астрофизичар во Американскиот музеј за национална историја. Со оглед на тоа што тие појави се случуваат во еднакви временски периоди околу летната долгоденица, Тајсон преку називот направи споредба со англискиот Стоунхенџ, кој исто така е позициониран така што за време на летната долгоденица сонцето изгрева и заоѓа низ средиштето на тие праисториски конструкции.