Büşra Selvi Öğütcen
24 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
СЕУЛ (АА) - Поранешната претседателка на Јужна Кореја, Парк Геун-Хје, која беше осудена на затвор за поткуп, недолично однесување и други кривични дела, ќе биде помилувана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на јужнокорејското Претседателство, наведено е дека претседателот Мун Џае-Ин ќе ја помилува својата претходничка Парк.
Се истакнува дека со амнестијата ќе се надминат несогласувањата од минатото и ќе се поддржи националното единство пред предизвиците што ги носи епидемијата.
„Мораме да ги надминеме болките од минатото и да влеземе во нова ера. Време е да ги собереме нашите сили за иднината наместо да се бориме едни со други“, нагласи Мун.
Мун посочи дека здравствената состојба на поранешната претседателка Парк се влошува по речиси пет години затвор.
Во соопштението на Министерството за правда се наведува дека 69-годишната Парк е меѓу 3.094 лица кои ќе бидат помилувани на 31 декември.
Меѓу другото, се додава дека Парк се лекува во болница од ноември и оттаму ќе биде евакуирана.
- Беше разрешена и затворена -
Поранешната претседателка Парк Геун-Хје (69) беше разрешена од функцијата во март 2017 година поради поткуп, недолично однесување и други обвиненија, а потоа беше уапсена и затворена.
Нагласувајќи дека обвинувањата против неа се политички, поранешната претседателка не присуствуваше на рочиштата со образложение дека нема доверба во судството.
Парк е осудена на 6 години затвор за проневера на тајни средства од Националната разузнавачка агенција и 2 години за кршење на изборните закони.
Врховниот суд на Јужна Кореја во јануари ја потврди 22-годишната затворска казна на Парк за поткуп, недолично однесување и други кривични дела.