Ekipa
09 Јули 2018•Ажурирај: 09 Јули 2018
СЕУЛ (АА) - Властите на Јужна Кореја денес инсистираа полуостровот да остане посветен кон мирот и денуклеаризацијата, и покрај упатените критики на Северна Кореја кон Соединетите Американски Држави (САД) во текот на изминатиот викенд, пренесува Anadolu Agency (AA).
По дводневните преговори на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, со севернокорејските официјални претставници, кои беа одржани кон крајот на минатата недела, Министерството за надворешни работи на Пјонгјанг ги обвини САД за поставување „унилатерални и гангстерски“ барања за денуклеаризација на Северна Кореја.
„Уверен сум дека Вашингтон и Пјонгјанг се во процес на постигнување договор во врска со сите прашања“, изјави портпаролот на Кабинетот на јужнокорејскиот претседател, Ким Еуи Кјеом, кој беше цитиран од локалната новинска агенција „Јонхап“.
Тој изјави дека преговорите траеле два дена по девет часа, и дека тоа било прва можност двете страни отворено да ги изнесат своите визии и барања во процесот на денуклеаризација.
Портпаролот за агенцијата „Јонхап“, исто така, изјави дека јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин ќе биде модератор и посредник во преговорите бидејќи во повеќе наврати оваа година разговарал со лидерите на САД и Северна Кореја.
Во меѓувреме, јужнокорејскиот министер за обединување, Чо Мјоунг Гјом, на форумот во Сеул денес изјави дека САД и Северна Кореја се движат во ист правец.
„Потребно е да се работи на надминување на нивните разлики во почетните фази од преговорите“, изјави Чо.
САД од Северна Кореја бара потполна, докажана и трајна денуклеаризација на земјата, додека Северна Кореја предлага постепен процес на денуклеаризација на целиот Корејски Полуостров врз основа на изградба на заемна доверба.