Islam Uddin
21 Март 2023•Ажурирај: 22 Март 2023
АНКАРА (АА) - Јужна Кореја денес воведе нови санкции за извоз на материјали во Северна Кореја за сателитски систем преку трета земја, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Сеул на „списокот на набљудување“ стави 77 ставки што се користат за сателитски систем, вклучително поставување соларни ќелии, склопови на груби сензори за сонце, тракери за ѕвезди, единици за ракување со податоци за слики, предаватели Икс-бенд и единици за жиро активирање за контролен момент, објави новинската агенција Јонхап.
Јужнокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека списокот е споделен и со други земји за контрола на извозот за Северна Кореја.
Последната одлука е донесена откако Северна Кореја во декември минатата година објави дека извршила тестирање во „последна фаза“ за развој на „воен извидувачки сателит“ што ќе биде лансиран во орбитата до април оваа година.
Сеул, исто така, одлучи да воведе дополнителни санкции за четири лица, меѓу кои Ри Јонг-гил, заменик-претседател на Централната воена комисија на Работничката партија на Кореја, како и за шест институции што, според наводите, се вклучени во програмите за ракетно и нуклеарно оружје на земјата.
Тензиите на Корејскиот Полуостров дополнително се зголемија откако САД и Јужна Кореја ги започнаа своите воени вежби „Штитот на слободата“ минатата недела.
Северна Кореја вчера соопшти дека одржала комбинирана тактичка вежба за „суштински да ја зајакне способноста за воено одвраќање и нуклеарен контранапад на земјата“.
Претходно, Пјонгјанг лансираше балистичка ракета со краток дострел кон Источно Море откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун се закани дека ќе користи нуклеарно оружје доколку САД и Јужна Кореја продолжат да покажуваат „отворено непријателство“ кон неговата земја.