Laıth Al-jnaıdı,Sümeyye Özer
31 Јануари 2020•Ажурирај: 31 Јануари 2020
АМАН (АА) - Јорданскиот крал Абдула II порача дека неговата земја несомнено е со палестинскиот народ во борбата за неговите легитимни права и правда, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кралот Абдула разговараше со палестинскиот претседател Махмуд Абас, а од неговата палата во Аман е соопштено дека главната тема на телефонскиот разговор била актуелната ситуација на Блискиот Исток.
Во соопштението се наведува дека кралот нагласил дека Јордан и понатаму ќе се залага за воспоставување траен мир врз основа на задоволување на потребите и легитимните барања на палестинскиот народ.
Тој порача дека Јордан и понатаму ќе се консултира со челниците на Палестина и другите арапски земји за да заземе конкретни ставови за сите теми.
Разговорот меѓу лидерите на Јордан и Палестина е одржан по неколку дена откако американскиот претседател, Доналд Трамп, го објави таканаречениот мировен блискоисточен план, а Абас му се заблагодари на раководството на Јордан за искажаната поддршка за палестинската страна, која категорички ги отфрла предлозите на Трамп.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, на 28 јануари во друштво на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, во Белата куќа го претстави т.н. мировен блискоисточен план, кој предвидува дека Ерусалим (Кудс) ќе биде прогласен за неделив главен град на Израел. Трамп порача дека неговиот план е последна шанса за воспоставување независна палестинска држава.
Израелскиот премиер Нетанјаху откри дека планот предвидува дека израелскиот суверенитет е над сите еврејски населби на Западниот Брег и порача дека тој план е многу голема и историска добивка за Израел.
Палестинската страна, вклучувајќи ги и движењата на отпорот, Фатах и Хамас, го отфрлаат планот на Трамп и најавуваат продолжение на борбата за правата на Палестинците.