Ekipa
02 Септември 2017•Ажурирај: 03 Септември 2017
САНА (АА) - На првиот ден од Курбан Бајрам, еден од најголемите празници за муслиманите, во судирите меѓу силите лојални на јеменската влада и бунтовничкото движење на Хусите загинаа околу 30 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што јавува локалната новинска агенција „SABA“ (САБА), на подрачјето на Усејлан загинаа 21 лице, а во воздушните напади на меѓународните коалициски сили предводени од Саудиска Арабија седум Хуси.
Телевизијата Ел-Месире, која е блиска со движењето на Хусите, наведе дека се уништени четири воени возила кои им припаѓале на владините сили.
Од друга страна, владини извори тврдат дека седум војници загинале, а 11 се ранети на подрачјето на Сарвах.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна, кога бунтовниците предводени од шиитското движење на Хусите и од Конгресот, кој го води соборениот претседател Али Абдула Салех, го зазедоа главниот јеменски град Сана, а потоа и други региони.
Претседателот на Јемен, Хади, и неговата влада побегнаа во Саудиска Арабија. Јужниот град Аден во моментов е административен центар на меѓународно признаената јеменска влада. Конфликтите во Јемен дополнително ескалираа уште во март минатата година, кога Саудиска Арабија со своите арапски сојузници започна воздушни напади врз позиции на бунтовниците.
Двете рунди мировни преговори предводени од ОН не резултираа со решение за судирите во таа земја.