Ekipa
31 Мај 2017•Ажурирај: 31 Мај 2017
КОЛОМБО (АА) - Билансот на загинатите во поплавите и лизгањето на земјиштето што се случија за време на викендот во Шри Ланка се зголеми на повеќе од 200, а 96 лица се водат за исчезнати, соопштија властите, јавува Anadolu Agency (AA).
Центарот за управување со катастрофи соопшти дека е потврдена смртта на 202 лица и дека повеќе од 77.000 се раселени.
Обилните врнежи од петокот предизвикаа големи поплави и лизгања на земјиштето на островот Шри Ланка во Индискиот Океан. Причинета е голема материјална штета и уништени се повеќе од 1.500 домови.
Армијата на Шри Ланка, морнарицата и воздухопловните сили продолжуваат да им помагаат на граѓаните, вложувајќи напори да се спасат најзагрозените.
И индиската армија пристигна во помош на жителите на најзагрозените региони. Њу Делхи испрати нуркачки екипи и хеликоптер.
На населението му помагаат и ОН, УНИЦЕФ и Светската здравствена организација.
Канцеларијата на ОН во Шри Ланка соопшти дека најмалку 16 болници се погодени од поплавите и од лизгањето на земјиштето.
ОН предупредува дека како резултат на зголемениот број на раселени лица и недостатокот на места во привремените засолништа, голем број луѓе се изложени на ризик од болести.
Шри Ланка минатата година беше погодена од поплави и лизгање на земјиштето предизвикани од монсунските дождови, во кои загинаа повеќе од 100 луѓе.