Emel Öz Gözellik
26 Април 2019•Ажурирај: 27 Април 2019
АНКАРА (АА) - Во Шри Ланка, бројот на лица што ги загубија животите во терористичките напади на 8 различни места, вклучувајќи и цркви и хотели, за време на велигденската литургија, е ажуриран на 253, а претходно бројката беше 359 загинати, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за здравство, наведувајќи дека е направена грешка при пресметката на бројот за загинати лица, истакна дека животот го загубиле 253 лица.
Властите веруваат дека терористот организатор на нападите загинал при нападот на хотелот „Шангри ла“, во главниот град Коломбо.
Се верува дека нападите ги организирале 9 лица.
Полицијата продолжува со истрагите и објави фотографии на 7 лица по кои се трага.
Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викрамесинг, предупреди дека некои од осомничените што ги организирале терористичките напади на Велигден сè уште се на слобода и дека може да започнат со нови самоубиствени напади.
На денот кога христијаните го чествуваа католички Велигден, цел на терористичките напади беа црквите „Свети Антониј“ во Кочикаде, „Свети Себастијан“ во Катана и црквата „Девица Марија“ во Батикалоа, како и хотелите со пет ѕвезди „Кингсбери“, „Синамон гранд“ и „Шангри ла“ во градот Коломбо.
По овие напади, во предградијата на главниот град Коломбо, во хотел со три ѕвезди во близина на Зоолошката градина во Дехивала и на надвозникот Дематого, исто така имаше експлозии.
Властите во Шри Ланка објавија дека при терористичките напади животот го загубиле 253 лица, меѓу кои и 39 странски државјани, а повеќе од 500 луѓе беа повредени.
Терористичката организација ДЕАШ ја презеде одговорноста за бомбашките напади.