Erbil Başay
17 Октомври 2017•Ажурирај: 18 Октомври 2017
БЕРЛИН (АА) - Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер изјави дека Европската Унија (ЕУ) мора да ги спречи Русија и Турција да се свртат кон Кина, јавува Anadolu Agency (AA).
Шредер престојуваше во германскиот град Монхенгладбах, а во таа пригода се осврна на односите на ЕУ со Русија и со Турција. Тој истакна дека ЕУ сака да воспостави добри односи со двете земји.
Како што истакна Шредер, во источна Европа нема да биде можно да се воспостави стабилност без соработка со Русија и со Турција.
„Треба да се има предвид дека Русија и Турција, покрај ЕУ, имаат и други алтернативи“, рече Шредер.
Тој посочи дека Русија и Турција можат да се свртат кон Азија и оти обврска на ЕУ е да ги спречи двете земји да се свртат кон Кина.
Во овој контекст, Шредер нагласи дека е многу важно што ЕУ има силни и добри односи со Русија и со Турција и оти е потребна многу поголема доверба.