Шпанскиот премиер: Државата мора да ги заштити децата од „токсичните“ социјални мрежи
Говорејќи на завршната седница на 8. Национален индустриски конгрес во Билбао, Санчез ги бранеше плановите на Владата за заострување на регулативата на дигиталните платформи, особено со цел заштита на малолетниците
БРИСЕЛ (АА) – Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека моќта на државата постои за да ги заштити демократиите „од нападите на кои се изложени“, како и децата и адолесцентите од „токсичниот и неказнет свет“ во кој, според него, се претвориле социјалните мрежи, јавува Анадолу.
Говорејќи на завршната седница на 8. Национален индустриски конгрес во Билбао, Санчез ги бранеше плановите на Владата за заострување на регулативата на дигиталните платформи, особено со цел заштита на малолетниците.
„Моќта на државата постои за да ги заштити демократиите од нападите што ги трпат, но и децата и адолесцентите од тој токсичен, неказнет свет во кој, за жал, се претворија социјалните мрежи“, изјави тој, пренесе весникот „Ла Воз де Астуријас“.
Неговите изјави доаѓаат во време на јавен судир со водечки технолошки личности, поврзан со предлогот на Шпанија за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за деца помлади од 16 години.
Санчез индиректно одговори на критиките на основачот на Телеграм, Павел Дуров, кој во средата предупреди дека планираните регулативи ја загрозуваат „слободата на интернетот“ и ризикуваат да ја претворат земјата во „држава на надзор“.
Шпанскиот премиер, исто така, беше цел на напади од сопственикот на американската платформа за социјални медиуми Х и технолошки милијардер Илон Маск, кој претходно оваа недела го нарече Санчез „тоталитарен фашист“ и „тиран“.
Санчез ги отфрли тврдењата дека регулацијата претставува цензура или авторитаризам, истакнувајќи дека дебатата треба да се фокусира на целта на технолошките иновации.
„Некои велат дека регулацијата е контрола, дека водењето политика е тиранија, дека поставувањето правила ја ограничува иновацијата. Но, клучните прашања речиси никогаш не се поставуваат. За што ни е потребна оваа иновација? За проширување на правата или за нивно загрозување? За зајакнување на демократијата или за нејзино поткопување? За подобрување на животот на луѓето или за неколкумина да се збогатат?“, рече тој.
Санчез ја критикуваше, како што ја нарече, неконтролираната моќ на технолошките елити, обвинувајќи ги за ширење дезинформации и злоупотреба на лични податоци.
„Дали сакаме технологија што ја нормализира и засилува измамата, што ја претвора приватноста во стока, општество во кое технолошки олигарх може да се инфилтрира, како што се случи во средата, во мобилните телефони на милиони граѓани за да им пласира лаги?“, праша тој.
Одговорот, според Санчез, „мора да биде јасно ‘не’“.
„Нема да нè скршат, затоа што гласот на разумот, на социјалното мнозинство и на демократијата нема да биде замолчен од овие техноолигарси на алгоритмите“, додаде тој.
