Alyssa Mcmurtry
31 Март 2025•Ажурирај: 02 Април 2025
ОВИЕДО (АА) - Шпанија ќе се залага за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на одбраната на Украина на денешниот состанок на Г5+ во Мадрид, изјави шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Алварес, јавува Анадолу.
„Русија еден ден ќе мора да ѝ плати воена репарација на Украина. Ова може да се смета како аванс на та репарација“, рече Алварес пред почетокот на самитот.
На состанокот на Г5+, познат и како група Вајмар+, присуствуваат министрите за надворешни работи на Франција, Германија, Полска, Италија, Шпанија, Украина и Велика Британија, како и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, со цел координација на европската и украинската одбранбена стратегија.
„Има многу од нас кои веруваат дека треба да ја водиме оваа дебата“, рече Алварес, мислејќи на употребата на замрзнатите руски средства.
„Повеќе од легитимно е да се користи тоа за финансирање, а тоа е ставот на Шпанија“, додаде тој.
Европските власти замрзнаа приближно 200 милијарди евра руски средства. Иако ЕУ досега се воздржуваше од користење на главнината, таа одвои 1,5 милијарди евра од камати за поддршка на Киев минатото лето.
Шпанскиот министер истакна дека овие средства би можеле да обезбедат стабилна финансиска помош за украинската одбрана.
Тој ја обвини Русија дека намерно го одложува постигнувањето прекин на огнот и ги нарече нејзините неодамнешни напади врз цивили „апсолутно неприфатливи“.
Групата Г5+ ќе разговара и за начините за зајакнување на позициите на Украина и Европа во преговорите за „праведен и траен мир“, додаде Алварес.
Шпанија, исто така, ќе инсистира групата да расправа за безбедноста на јужните граници на Европа.
Г5+, или Вајмар+, е дипломатска алијанса формирана минатиот месец како одговор на промените во американската политика кон Украина и Европа.
Оваа групација се надоврзува на оригиналниот Вајмарски триаголник – регионален сојуз меѓу Франција, Германија и Полска – со приклучување на Велика Британија, Шпанија, Италија и Европската комисија како учесници.