Ekipa
18 Мај 2021•Ажурирај: 19 Мај 2021
ОВИЕДО (АА) - Шпанија денес ја распореди својата армија во африканската енклава Сеута, за да се справи со напливот на мигранти на нејзината територија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шпанските власти пресметаа дека рекордни 5.000 луѓе, вклучително и малолетници, нерегуларно преминале во Сеута во понеделникот. Извор од полицијата за шпански „Europa Press“ изјави дека бројката денес може да изнесува дури 9.000.
„Мојот приоритет е да ја вратам нормалата во Сеута. Нејзините граѓани мора да знаат дека имаат апсолутна поддршка од шпанската Влада и ние цврсто ќе дејствуваме за да ја осигуриме нивната безбедност и да го браниме нивниот интегритет како дел од земјата“, објави на Твитер шпанскиот премиер Педро Санчез.
Мигрантите пристигнаа со пливање или со мали чамци од Мароко на шпанска територија, притоа најмалку едно лице починало.
Постојаниот прилив на мигранти доаѓа во време на влошување на дипломатскиот спор меѓу Шпанија и Мароко.
Сè започна кога Шпанија го прими Брахим Гали, водачот на забранетиот Фронт Полисарио, да се лекува од Ковид-19 кон крајот на април.
Шпанската министерка за надворешни работи, Аранча Гонзалес Лаја, инсистира на тоа дека земјата го прифатила лидерот за независност на Западна Сахара од „строго хуманитарни причини“, но мароканската Влада објави соопштенија во кои потегот на Шпанија го нарекува „неприфатлив и апсолутно провокативен“.
Министерството за надворешни работи на Мароко го нарече „жално“ тоа што Шпанија му дозволи на Гали да влезе со лажен пасош, што не се советувала со Мароко во врска со тоа и не презела никакви правни активности против него.
Се појави видео во кое се прикажува како мароканската полиција пасивно стои додека голема група луѓе заминуваат со мали чамци.
Лаја претходно изјави за новинарите дека не била свесна дека Мароко ја опуштил контролата врз емиграцијата.
Сантијаго Абаскал, лидерот на екстремно десничарската партија Вокс, на Твитер напиша: „Мароко ја напаѓа Шпанија... Луѓето што пристигнуваат не се бегалци, тие се војници кои се покоруваат на мароканската Влада... Армијата мора да ги протера.“
Сликите од подрачјето покажуваат дека меѓу лицата што преминале во Шпанија има жени, деца и цели семејства.