Шпанија им забрани на САД користење на нејзиниот воздушен простор за операции поврзани со Иран
Ограничувањата се однесуваат и на американските авиони стационирани во трети земји, како Обединетото Кралство и Франција
ОВИЕДО (АА) – Шпанските власти денес потврдија дека им забраниле на Соединетите Американски Држави (САД) користење на шпанскиот воздушен простор за летови поврзани со војната со Иран, пренесува Анадолу.
Ограничувањата се однесуваат и на американските авиони стационирани во трети земји, како Обединетото Кралство и Франција, јави шпанскиот весник „Ел Паис“, повикувајќи се на воени извори.
Вашингтон, исто така, разгледувал можност за распоредување стратегиски бомбардери, како Б-52 и Б-1, во бази во јужна Шпанија, но предлогот бил повлечен откако Мадрид јасно ставил до знаење дека нема да поддржи операции без меѓународна правна основа.
Министерката за одбрана Маргарита Роблес повторно го истакна ставот на Владата.
„Сите го знаат ставот на Шпанија. Користењето на базите не е дозволено и, секако, користењето на шпанскиот воздушен простор не е дозволено за активности поврзани со војната во Иран“, изјави таа пред новинарите.
Сепак, Шпанија направила исклучок за итни ситуации, дозволувајќи транзит или слетување на авиони доколку е неопходно.
Министерот за надворешни работи Хосе Мануел Алварес изјави дека оваа одлука е во согласност со ставот на Владата да не „прави ништо“ што би можело да доведе до дополнителна ескалација на тензиите на Блискиот Исток.
Во изјава за радиото „РАЦ1“, тој нагласи дека е „позагрижен“ отколку пред еден месец, предупредувајќи дека ситуацијата претставува „многу сериозно“ воено сценарио.
„Во секој момент може да се соочиме со егзодус на мигранти од Иран кон Европа“, рече Албарес.
Тој додаде дека Владата стравува оти конфликтот може да прерасне во „трајна војна“.
- Трговските односи со САД остануваат непроменети -
И покрај неодамнешните закани од американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на трговијата со Шпанија поради нејзиното одбивање да соработува во војната со Иран, шпанскиот министер за економија Карлос Куерпо изјави дека не очекува одлуката да има влијание врз економските односи со Вашингтон.
„Економските односи остануваат исти како и пред конфликтот“, изјави тој за радиото „Кадена СЕР“, додавајќи дека трговските врски се регулираат на ниво на Европската Унија.
„Шпанските компании продолжуваат да работат исто како француските, германските и италијанските компании“, рече Куерпо.
Тој истакна дека Шпанија продолжува да го зајакнува своето економско присуство во САД, вклучително и со отворање нови канцеларии во Бостон и Хјустон за поддршка на бизнисите.
Куерпо нагласи дека одлуката за воздушниот простор не е во врска со економијата, туку е „поврзана со тоа дали да се учествува или не во еднострана војна што е спротивна на меѓународното право“.
