Ata Ufuk Şeker
24 Јануари 2018•Ажурирај: 25 Јануари 2018
ДАВОС (АА) - Заменик премиерот на Република Турција, Мехмет Шимшек, изјави дека проблемите на Блискиот Исток не може да се решат со цртање на нови граници, јавува Anadolu Agency (AA).
Шимшек денес беше еден од говорниците на панелот за Блискиот Исток кој е одржан во рамките на Светскиот економски форум (WEF) во швајцарскиот град Давос.
Потсетувајќи дека Блискиот Исток е колевка на цивилизациите и регионот во кој живеат различни етнички и верски групи, Шимшек изјави дека проблемите во тој регион не можат да се решат со нови граници, туку со отворање на нови работни места за младите.
„Стапката на невработеност кај младите на Блискиот Исток е голема, а во наредните три децении работа ќе бараат уште 180 милиони млади. Голем предизвик е на тие млади да им понудиме адекватно образование и работни места“, изјави Шимшек и додаде дека стабилноста и просперитетот на тој регион се во интерес на целиот свет.
Шимшек истакна дека Турција згрижува 3,5 милиони бегалци од Сирија и околу 200 000 бегалци од Ирак.
„Нагласувам дека проблемите на Блискиот Исток мораат да се решаваат со дијалог и борба против сите видови на тероризам. Не можеме за некоја етничка група да навиваме како што тоа го правиме за фудбалските тимови“, изјави Шимшек.
Осврнувајќи се на американската политика на Блискиот Исток, Шимшек изјави дека понекогаш е тешко да се разберат сојузниците, а посебно тоа што САД за партнер во наводната борба против тероризмот го избраа ПЈД, кој е сириски огранок на терористичката организација ПКК.