Talha Yavuz
30 Септември 2020•Ажурирај: 30 Септември 2020
КИЕВ
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, по пат на видеоконференција одржа прес-конференција на која истакна дека со особено внимание го следат развојот на настаните во регионот, известува Агенција Анадолија (АА).
Посочувајќи дека војната секогаш со себе носи болка, смрт и уништувања, украинскиот министер Кулеба истакна дека во моментов не е потребно уште повеќе да се издигаат и онака високите тензии на Кавказот.
Истакнувајќи дека поддршката на територијалниот интегритет на земјите е еден од темелите на надворешната политика на Украина, Кулеба продолжи со зборовите: „Како што Азербејџан го поддржува меѓународно признатиот територијален интегритет на Украина, и ние во исто време отсекогаш го поддржувавме територијалниот интегритет на Азербејџан и овој наш став никогаш не се смени.“
Кулеба посочи дека ситуацијата во Нагорно Карабах покажува дека таканаречените „замрзнати“ конфликти всушност не се замрзнати и дека секој момент можат да експлодираат.
Од линијата на фронтот Ерменија - Азербејџан, ерменските сили извршија напад врз цивилните населби во Азербејџан на 27 септември, по што започнаа вооружени судири меѓу двете страни. Војската на Азербејџан како одговор на нападот започна контранапад, ослободувајќи некои од окупираните цивилни населби.
- Окупација на азербејџанските територии од страна на Ерменија
Во периодот на распадот на Советскиот Сојуз, ерменските националисти излегоа со тврдења дека имаат права врз Нагорно Карабах. Групите вооружени од страна на Ерменија во 1991 година го окупираа Ханкенди, а наредната година ги окупираа и Хоџали и Шуша. Во периодот што следуваше силите на Ерменија ги зазедоа и териториите на Лачин, Хоџавенд, Келбеџер и Агдере, а во 1993 година влегоа и во областите Агдам, Џебраил, Фузули, Губалди и Зенгилан.
Ерменија во овој процес на окупација зазеде 20% од територијата на Азербејџан, при што приближно 1 милион цивили беа принудени да ги напуштат своите живеалишта.
По иницијатива на Интерпарламентарното собрание на Заедницата на независни држави, Парламентот на Република Киргистан, Федералното собрание на Русија и Министерството за надворешни работи во Бишкек, на 4-5 мај 1994 година се одржа состанок на кој Азербејџан и Ерменија потпишаа договор за прекин на огнот, познат како Протокол од Бишкек. Прекинот на огнот остана на хартија, а во судирите животот го загубија илјадници војници.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ја формираше Минската група во 1992 година, со цел да се поттикне изнаоѓање мирно решавање на конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан и проблемот околу Нагорно Карабах.
Русија, Франција и САД станаа копретседавачи на Минската група, формирана од ОБСЕ, со цел изнаоѓање решение за проблемот во Нагорно Карабах, но во изминатите 27 години, и покрај големиот број иницијативи, не се постигнати конкретни резултати.