Zuhal Demirci,Nazlı Yüzbaşıoğlu
21 Јануари 2020•Ажурирај: 22 Јануари 2020
ДАВОС/АНКАРА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, истакна дека целта на Турција е воспоставување трајно примирје и започнување процес на политичко решавање на кризата во Либија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу на панел за Западен Балкан: „ЕУ треба да го исполни ветувањето кое го даде на земјите од регионот“
По пристигнувањето во Давос, Швајцарија, на Светскиот економски форум, Чавушоглу за турската телевизија НТВ (NTV) рече дека Турција ја поддржа и учествуваше на Берлинската мировна конференција за Либија.
Истакнувајќи дека на Конференцијата е дадена поддршка за примирјето во Либија коешто беше воспоставено на 12 јануари со посредство на Турција и Русија, Чавушоглу нагласи дека сите страни поддржале и низа одлуки кон забрзување на политичкиот процес за решавање на кризата во таа земја.
„Сите се прашуваат зошто водачот на нелегитимните сили од истокот на Либија, Калифа Хафтар, не потпиша прекин на огнот на преговорите во Москва, ниту пак даде изјава по Конференцијата во Берлин. Се поставува прашањето дали тој сака и дали верува во мирно решавање на кризата. Хафтар што поскоро мора да премине на страната на политичкиот процес и да даде конкретен одговор на повикот на меѓународната заедница“, порача Чавушоглу.
Во Берлин во неделата се собраа светските лидери и разговараа за воспоставување трајно примирје и изнаоѓање политичко решение за повеќегодишната криза во Либија.
Домаќините на Конференцијата, германската канцеларка Ангела Меркел и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, пред новинарите изјавија дека е постигнат план за сеопфатна поддршка на примирјето во Либија и дека сите учесници се согласни дека не постои воено решение за либиската криза.
На Конференцијата, меѓу останатите, присуствуваа и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, рускиот претседател Владимир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон и премиерите на Велика Британија и Италија, Борис Џонсон и Џузепе Конте, како и американскиот државен секретар Мајк Помпео.
На Конференцијата во Берлин присуствуваа и шефот на меѓународно признатата Влада за национално единство на Либија, Фајез ал Сараџ и водачот на нелегитимните сили од истокот на Либија, Калифа Хафтар.