Burak Bir
26 Јануари 2023•Ажурирај: 27 Јануари 2023
ЛОНДОН (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја истакна важноста од забрзување на воената поддршка за Киев, нагласувајќи дека се очекува Русија да започне нова офанзива во Украина, каде што ја започна „специјалната воена операција“ минатиот февруари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за „Би-би-си Радио 4“ (BBC Radio 4), Столтенберг изјави дека борбените тенкови ќе направат голема разлика и ќе им помогнат на Украинците да ги одбијат руските напади.
„Но, исто така, ќе им помогнат да можат да ја вратат територијата, да ослободат повеќе украински територии и да победат во оваа војна за да надвладеат како суверена, независна нација“, рече тој, и додаде: „Сите знаеме дека Русите планираат нови офанзиви.“
Столтенберг нагласи дека Русија го зголемува производството на артилериска муниција, комуницира со Иран и Северна Кореја за да добие повеќе оружје и дополнително мобилизира над 200.000 војници да започне нови напади.
На прашањето дали сојузниците и партнерите на НАТО ќе размислат за воздушна поддршка на Киев, Столтенберг одговори дека главниот фокус засега е на воздушната одбрана, со тоа што сојузниците обезбедија голем број системи за противвоздушна одбрана на Украина.
Во друго интервју за „Скај њуз“ (Sky News), челникот на 30-члената воена алијанса уште еднаш ги поздрави најавите на Велика Британија, Германија и другите сојузници за поддршка во борбени тенкови за Украина.
Без да даде точна временска рамка за испораката на тенковите, Столтенберг рече дека е потребно извесно време да се обучи украинскиот персонал, и дека тој е убеден дека тоа ќе се реализира што е можно побрзо.
Германија вчера соопшти дека ќе испорача 14 тенка „Леопард 2“ на Киев, ќе ги обучи украинските војници да ги користат тенковите и ќе дозволи другите европски земји кои сакаат, да ѝ дадат тенкови „Леопард“ од сопствените залихи.
„САД најавија дека ќе испратат 31 тенк „Абрамс“ во Украина и дека обуката на украинските војници ќе започне што е можно поскоро“, изјави претседателот Џо Бајден.
Велика Британија веќе соопшти дека ќе испрати 14 тенка „Чаленџер 2“ во Украина.