Selen Temizer
05 Јули 2022•Ажурирај: 06 Јули 2022
БРИСЕЛ (АА) - Министерката за надворешни работи на Шведска, Ен Линде, изјави дека целосно ќе го почитува трилатералниот договор потпишан со Туркије и Финска, а кој се однесува на членството на Шведска и Финска во НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Линде и министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хаависто, одржаа прес-конференција по потпишувањето на протоколот за пристапување на двете земји во Алијансата.
Столтенберг на прашањето колку долго ќе трае процесот на одобрување на протоколот за пристап во Парламентот, изјави дека протоколите на двете земји треба да ги одобрат парламентите на 30-те членки на сојузот и дека секоја држава има различна процедура, но дека многу земји ќе го направат тоа брзо.
„Верувам дека сојузниците ќе обезбедат брз и лесен процес на одобрување. Во последниот пример во сличен процес, одобрувањето траеше 12 месеци. Затоа не можам да кажам прецизно, но зборуваме за месеци“, изјави Столтенберг.
Шведската министерка Линде изјави дека искрено верува дека процесот на одобрување ќе се одвива брзо.
„Во потполност ќе се придржуваме до трилатералниот договор, ќе го следиме. Ќе имаме и заеднички механизам“, рече Линде изразувајќи надеж дека сите три земји ќе видат дека тоа е добар договор.
Таа додаде дека преговорите со Туркије се одвивале врз основа на почит и дека загриженоста на Туркије ја сфатиле многу сериозно.
Линде рече дека откако ќе станат членки, ќе работат во согласност со Туркије, дека процесите за депортација и екстрадиција ќе бидат предмет на тековни и вообичаени правни процеси и ќе продолжат да работат во тие рамки.
Финскиот министер Хаависто изрази надеж дека процесот на одобрување ќе оди брзо.
Осврнувајќи се на долгорочните добри односи со Туркије, тој рече дека тие го поддржуваат процесот на Туркије за членство во Европската Унија (ЕУ).
„Во договорот се осврнавме на загриженоста на Туркије за секое прашање“, рече Хаависто.