ХАМИЛТОН (АА) - Членовите на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) вчера го осудија атентатот на политичкиот шеф на Хамас, Исмаил Ханије, во иранскиот главен град Техеран, а постојаните претставници на САД и на Велика Британија го обвинија Иран за дестабилизација на регионот, јавува Анадолу.
Советот се состана на итна седница поради убиството на Ханије на барање на Иран, кое беше поддржано од Русија, Алжир и Кина.
Говорејќи на седницата, кинескиот претставник Фу Конг рече дека Кина силно го осудува атентатот на Ханије.
Нарекувајќи го инцидентот „еклатантен обид за саботирање на мировните напори“, Конг истакна дека „Кина е длабоко загрижена поради можноста за влошување на ситуацијата во регионот што може да биде предизвикано од овој инцидент“.
Слично на тоа, претставник на Алжир во ОН, Амар Бенџама, рече: „Ние сме на работ на катастрофа“, додавајќи дека нападот на Израел е „чин на терор“ што ги прекрши меѓународното право и суверенитетот на Иран.
„Ова не е само напад врз еден човек. Тоа е жесток напад врз самите темели на дипломатските односи, светоста на државниот суверенитет и принципите врз кои се заснова нашиот глобален поредок“, рече тој.
- „Каде ќе заврши ова лудило?“
Бенџама остро го осуди „терористичкиот чин извршен од израелската окупаторска сила“.
Велејќи дека израелската „политика на изгорена земја“ води кон „прилив на насилство што ги преплавува Газа, Западниот Брег, Јемен, Либан, Сирија и сега Исламската Република Иран“, тој праша: „Каде ќе заврши ова лудило?“
Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да не молчи „бидејќи се пролева невина крв и меѓународното право се распарчува. Повикуваме на итен, безусловен прекин на огнот во Газа и ставање крај на нехуманата блокада на Газа“.
Согласувајќи се со ставот на Алжир, Дмитриј Полјански, првиот заменик на постојаниот претставник на Русија во ОН, ја повтори осудата на неговата земја за атентатот на Ханије, додавајќи дека последиците од нападот се „опасни“ за целиот регион.
„Ова е сериозен удар, првенствено за посредувачките преговори меѓу Хамас и Израел, фокусирани на прекин на огнот во Појасот Газа, а Исмаил Ханије беше директен учесник во тоа. Сите мора да го разбереме ова“, рече Полјански.
Велејќи дека нападот е обид Иран да се вовлече во „атмосфера во регионот што веќе е на точка на вриење“, рускиот претставник рече дека „грозоморната практика на целно убивање на политички и воени личности од висок профил го доведува Блискиот Исток до раб на војна низ регионот.
Повикувајќи ги сите страни да се воздржат од целосна регионална војна, Полјански ја повтори потребата од комплетна и сеопфатна имплементација на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност.
Во Резолуцијата се бара целосен прекин на непријателствата меѓу Израел и Хезболах, повлекување на израелските сили од Либан и тие да бидат заменети со либански и со сили на УНИФИЛ распоредени во Јужен Либан и разоружување на вооружените групи, вклучително и Хезболах.
- САД и Велика Британија го обвинуваат Иран за регионална дестабилизација -
Американскиот заменик на постојаниот претставник во ОН, Роберт Вуд, му рече на Советот дека „Израел има право да се брани од напади на Хезболах и од други терористи“.
Велејќи дека САД не биле вклучени во нападот што го изврши Израел во јужниот дел на Бејрут, Вуд рече дека „нема сомнение, апсолутно никакво, дека Хезболах е одговорен за овој напад“.
Истакнувајќи дека Хезболах извршува напади врз Израел од 8 октомври минатата година со поддршка на Иран, тој рече дека членките на Советот за безбедност на ОН не треба да ги толерираат овие напади.
Вуд нагласи дека Иран мора да се усогласи со резолуциите на Советот за безбедност и дека Советот треба да разгледа дополнителни мерки против иранските активности што ги загрозуваат регионалниот мир и безбедност.
Тој, исто така, рече дека САД немаат врска со смртта на Ханије.
„Поширока војна ниту е близу, ниту е неизбежна“, рече Вуд, додавајќи дека Иран и „терористичките посредници“ што ги поддржува постојано предизвикуваат ризик од регионален конфликт.
Вуд ги повика членовите на Советот со влијание врз Иран да го зголемат притисокот врз Техеран.
Претставничката на Велика Британија, Барбара Вудворд, исто така, нагласи дека зголемувањето на насилството не е во ничиј интерес.
Апелирајќи за смиреност и итна воздржаност, Вудворд рече: „Долгорочен мир нема да биде обезбеден со бомби и куршуми.“
Таа истакна дека Хусите поддржани од Иран продолжиле со своите напади врз Израел и рече дека ова мора да заврши.
Исто така, таа ја потврди непоколебливата посветеност на Велика Британија на безбедноста на Израел, велејќи дека Израел има право на самоодбрана.