Ikrame Imane Kouachi
12 Мај 2024•Ажурирај: 13 Мај 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелскиот функционер задолжен за одбранбена политика и стратешко планирање во Советот за национална безбедност, Јорам Хамо, поднесе оставка, објави денес државната телевизија КАН, пренесува Анадолу.
Хамо поднесе оставка поради фрустрации за неуспехот да се донесат политички одлуки во врска со идните акции во Појасот Газа, соопшти КАН.
Како одговор, Советот за национална безбедност истакна дека Хамо ја изразил својата намера да се повлече пред неколку месеци, наведувајќи „лични причини кои не се поврзани со јавните прашања“.
Во врска со ситуацијата во Појасот Газа, КАН објави дека планот што неодамна е разгледан во Советот за национална безбедност веднаш ќе биде претставен пред Кабинетот за безбедност.
Планот, како што се наведува, ја содржи цивилната администрација во Појасот Газа за период од шест месеци до една година.
Се наведува дека основните услуги ќе бидат доставувани до населението преку приватни арапски претпријатија, а на крајот контролата врз Појасот Газа ќе премине на локални ентитети кои не се непријателски настроени кон Израел.
Израелската Влада вели дека идната влада во опколената енклава не треба да биде предводена од Хамас.
Израел започна напад на Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа помалку од 1.200 луѓе.
Според палестинските здравствени власти, оттогаш во израелските напади во Појасот Газа загинати се речиси 35.000 Палестинци, повеќето жени и деца.