Büşra Nur Bilgiç Çakmak
05 Јуни 2020•Ажурирај: 06 Јуни 2020
ПРАГА
Властите на Чешка денес соопштија дека депортираа двајца дипломати на руската амбасада во Прага и ги прогласија за непожелни лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чешкиот премиер Андреј Бабиш на прес-конференција рече дека дипломатите се депортирани поради обид за загрозување на чешко-руските односи.
Весникот „Деник" (Denik) јавува дека одлуката за депортација е донесена по медиумските наводи дека во Прага дошле руски шпиони да организираат убиство на некои чешки политичари.
Премиерот Бабиш рече дека тие тврдења им наштетиле на билатералните односи, а шефот на чешката дипломатија Томас Петричек рече дека депортацијата била единствен начин на решавање на проблемот.
Од друга страна, од руската амбасада во Прага ги отфрлија тврдењата за било каква вмешаност и медиумски тврдења за делување на руски шпиони во Чешка.
„Ова се фабрикувани провокации. Овој непријателски чекор, кој од самиот почеток се базираше на неосновани медиумски обвиненија, покажува дека официјална Прага нема желба да ги нормализира руско-чешките односи, кои неодамна се влошија, но не по наша вина", се наведува во соопштението на руската амбасада.