свет

Челниците на Европскиот совет и Европската комисија утре во посета на сириски Дамаск

- Двајцата европски лидери ќе предводат делегација на високо ниво, прва од страна на високи европски претставници на Дамаск по падот на режимот на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година

Mohammad Sıo  | 08.01.2026 - Обновена : 08.01.2026
Челниците на Европскиот совет и Европската комисија утре во посета на сириски Дамаск

ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен утре ќе престојуваат во прва официјална посета на сирискиот главен град, Дамаск, јавуваат сириските медиуми, пренесува Анадолу.

Двајцата европски лидери ќе предводат делегација на високо ниво, прва од страна на високи европски претставници на Дамаск по падот на режимот на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година, објави телевизијата Ал-Ихбарија.

Во понеделникот Европскиот совет соопшти дека Коста и Фон дер Лајен ќе отпатуваат во Дамаск на 9 јануари за да се сретнат со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара.

Посетата на Дамаск е дел од пошироката турнеја низ Блискиот Исток, која ги вклучува и Јордан и Либан, се вели во соопштението.

Двајцата лидери треба да присуствуваат на првиот самит ЕУ-Јордан во Аман денес, пред да заминат за Дамаск и Бејрут утре.

Посетата следува по зголемениот ангажман на ЕУ со новото раководство на Сирија. Во јуни 2025 година еврокомесарката за Медитеранот, Дубравка Суица, ја посети Сирија и изјави дека блокот сака да ја види земјата стабилна и просперитетна под нејзините нови власти.

Во мај 2025 година шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, објави укинување на економските санкции воведени за Дамаск за време на поранешниот режим.

Претстојната посета е дел од напорите на ЕУ за поддршка на транзициската фаза на Сирија, промовирање на стабилноста и обновата и поддршка на политичкиот процес предводен од Сирија, а наедно зачувување на единството и суверенитетот на земјата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın