Bahattin Gönültaş
19 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
БЕРЛИН (АА) - Челникот на германската авиокомпанија „Луфтханза“, Карстен Спохр, предупреди на можен колапс на тој сектор доколку глобалната пандемија Ковид-19 потрае подолго и доколку не постои помош од државата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Пандемијата на коронавирусот ја стави глобалната економија пред невидени предизвици, па така и „Луфтханза“. Никој не може ни да претпостави какви последици за економијата ќе има оваа пандемија. Мораме да се спротивставиме на оваа вонредна ситуација и да донесуваме строги и понекогаш болни мерки“, порача Спохр во писменото соопштение.
Истакнувајќи дека авиокомпаниите имаат посебна одговорност кон своите држави, Спохр изјави дека „Луфтахнза“ вложува големи напори во реализација на плановите на враќање на германските државјани од странство.
„Во исто време, вложуваме максимални напори за одржување на транспортните летови за да се спречи колапсот на дистрибуцијата на стока, од која зависи работата на голем број сектори на економијата. Авијацискиот сектор би можел да биде во ситуација кога не би можел да опстане доколку кризата трае подолго и доколку постои недостиг на државна поддршка“, рече Спохр.
Тој изјави дека платата на раководствениот кадар на „Луфтханза“ веќе е намалена за 20 отсто, а дека е невозможно да се проектира колкави финансиски загуби ќе претрпи компанијата под чие покровителство дејствуваат и компаниите „Свис интернешнал“, „Аустриан ерлајнс“ и „Браселс ерлајнс“.