Amina Zorniç
15 Ноември 2016•Ажурирај: 16 Ноември 2016
ЖЕНЕВА (АА) - На аукција во Женева, редок рачен часовник од нерѓосувачки челик од швајцарскиот производител на часовници „Патек Филип“ беше продаден за 11 милиони долари, што е светски рекорд во историјата на аукциите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Британскиот весник „Гардијан“ пишува дека по само 13 минути од започнувањето на аукцијата, часовникот достигнал трипати повисока цена од почетната.
Во светот постојат уште три идентични часовници како овој, за кој се натпреваруваа седуммина анонимни колекционери.
Луксузниот рачен часовник е направен во 1943 година, има хронограф и ротирачки диск што ги илустрира Месечевите фази.
Швајцарскиот производител на часовници „Патек Филип“ оваа година ја одбележа 175-годишнината од своето постоење и работење, а неговите производи се карактеризираат со висока цена, рачна изработка и комплексна подготовка.
Претходно, еден рачен часовник од истиот производител се сметаше за најскапо продадениот часовник на аукција, откако неговата вредност достигна 7,3 милиони долари.