Emre Gürkan Abay,Ali Cura
29 Декември 2018•Ажурирај: 30 Декември 2018
МОСКВА (AA) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, по состанокот со руските функционери во Москва истакна дека неговата земја и Русија ја делат заедничката волја од територијата на Сирија да се исчистат сите терористички организации, јавува Anadolu Agency (AA).
Во зградата на Министерството за одбрана на Русија во Москва денес е одржан состанок на турската и руската делегација, а главна тема на состанокот се случувањата во Сирија.
Министерот Чавушоглу, по состанокот во Москва истакна дека неговата земја и Русија имаат заедничка волја од територијата на Сирија да се исчистат сите терористички организации.
„Ќе продолжиме одблиску да соработуваме со Русија и Иран во врска со Сирија, како и за другите регионални прашања“, рече Чавушоглу, и додаде дека земјите гаранти од Астана се залагаат за територијален интегритет на Сирија.
„Како земји гаранти од Астана, ние се залагаме за територијалниот интегритет и политичкото единство на Сирија, и се спротивставуваме на сите напори кои сакаат тоа да го нарушат“, рече Чавушоглу.
Во турската делегација, покрај министрите Чавушоглу и Акар, се наоѓа и шефот на разузнавачката служба (МИТ), Хакан Фидан и портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин.
Состанокот се одржува во зградата на Министерството за одбрана на Русија.
Од руската страна присуствуваа министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, министерот за одбрана, Сергеј Сојгу, началникот на рускиот Генералштаб, генерал Валериј Герасимов и специјалниот пратеник на рускиот претседател за Сирија, Александар Лаврентијев.