Betül Yürük
20 Мај 2021•Ажурирај: 21 Мај 2021
ЊУЈОРК
Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу изјави дека Турција нема да молчи пред страшните ѕверства и бруталноста во Палестина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу денес се обрати на заседавањето на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) чија тема е кризата помеѓу Израел и Палестина.
„Агресивните постапки на Израел претставуваат воени злосторства. Злосторникот мораме јасно да го претставиме, Израел е одговорен за случувањата во Кудс, Западен Брег и во Газа", рече Чавушоглу, нагласувајќи дека Израел е „единствено одговорен" за она што се случува на тоа подрачје.
Истакна дека израелската континуирана блокада ја претвори Газа во „најголемиот затвор на отворено во светот".
„Да се молчи пред неправдата е исто што и да се биде соучесник во злосторството. Оној кој молчи пред неправдата е нем ѓавол", рече шефот на турската дипломатија и додаде
„Време е меѓународната заедница да презеде ефикасни правни и морални мерки за да ги запре израелските напади на Палестинците."
Како што рече Чавушоглу, потребно е на некој начин физички да се заштитат Палестинците.
„Мораме да работиме на воспоставување на меѓународен механизам за заштита за палестинските цивили. Тие напори би требало да вклучуваат физичка заштита преку меѓународните сили формирани со воени и финансиски придонеси на државите доброволци", истакна Чавушоглу.
Предупреди дека сите оние кои се обидуваат да ги критикуваат израелските напади веднаш се прогласуваат за антисемити.
„Оние кои ја критикуваат агресијата на израелската влада веднаш се обвинуваат за антисемитизам и се обидуваат да се замолчат. Меѓутоа, ние веруваме дека антисемитизмот е злосторство против човечноста, како и исламофобијата и непријателството кон христијанството", рече Чавушоглу.
Тој потсети дека израелските напади се случија во месец Рамазан, муслиманскиот месец на постот и дека во Газа цел беа, не само високите згради кои ги користат цивилите туку и училиштата и болниците.
Тензиите на Блискиот исток избија во текот на Рамазан откако израелските сили изведоа напади на верниците во Ал Акса. Дополнителна ескалација на тензиите предизвика и одлуката на израелските власти за деложации на палестинските семејства од населбата Шеик Џарах.
Палестинското Министерство за здравство во Газа соопшти дека во израелските напади од 10 мај до сега животот го загубија најмалку 230 лица, меѓу кои се и најмалку 65 деца и 39 жени. Во тие напади се ранети најмалку 1.710 деца, а цел на нападите беа здравствените установи, медиумските центри и станбени згради. Поради нападите принудно се раселени најмалку 75.000 луѓе.