Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
24 Септември 2022•Ажурирај: 25 Септември 2022
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, вчера изјави дека кај меѓународната заедница постои љубопитност за тоа дали значајниот истанбулски договор за украинското жито ќе биде продолжен во ноември, известува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на прес-конференцијата во Центарот „Туркеви“, на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Чавушоглу изјави дека на сите им е „јасна улогата што Туркије ја одигра во договорот за житото“, а неговите колеги и претставници на меѓународните организации ги интересираше дали четиримесечниот договор ќе биде продолжен.
„Во текот на нашите состаноци и разговори со други претставници на меѓународните организации, голем број министри за надворешни работи рекоа дека веруваат дека Туркије е извор на надеж за мир (во руската воја против Украина)“, истакна Чавушоглу.
Тој додаде дека сите знаат дека доколку дојде до прекин на огнот, тоа ќе се случи благодарение на напорите на Туркије.
„Мораме да настојуваме да ги споиме украинските и руските лидери. Во мир треба да бидат уверени и земјите кои преферираат војна“, рече Чавушоглу.
Што се однесува во врска со договорот за американските авиони Ф-16, Чавушоглу рече дека Туркије и САД ги продолжуваат техничките разговори.
„Нашиот претседател (Реџеп Таип Ердоган) разговараше со некои од членовите на американскиот Сенат и Конгрес, а тие ја пренесоа својата силна поддршка во испораката на авионите Ф-16 на Туркије“, рече Чавушоглу.
Истакнувајќи дека Анкара нема да прифати условен договор, Чавушоглу рече дека е неприфатлив секој договор кој ограничува членка на НАТО.
За преговорите за реформите на ОН, Чавушоглу потсети дека оваа година било можно да се слушнат говори за визија дека „светот е поголем од петорката“, за што претседателот Ердоган зборува со години.
„Веруваме дека Генералното собрание (ОН) и Советот за безбедност би требало да бидат инклузивни. Има голем број формули што доаѓаат од различни земји и сите земји тука би требало да бидат добро застапени“, порача шефот на турската дипломатија.
На крај, Чавушоглу рече дека Туркије и САД не делат сличен став за реформите во ОН, и дека Туркије сака сите да имаат збор во ОН.