Muhammet Tarhan
27 Мај 2021•Ажурирај: 28 Мај 2021
АНКАРА
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, истакна дека актите на Израел кои ги опиша како провокации, се дел од кампањата за систематско етничко, верско и културолошко чистење, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу со видеопорака учествуваше на специјалната седница на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН), на која се разговараше за сериозната состојба за човековите права во палестинските територии кои се под окупација.
Турскиот министер нагласи дека во изминатите недели биле сведоци на тажни сцени во Палестина и дека случувањата настанаа како резултат на провокациите на Израел во Џамијата „Ал Акса“ и во населбата Шејх Џерах.
„Овие провокации се дел од кампањата за систематско етничко, верско и културолошко чистење“, рече Чавушоглу.
Тој истакна дека нападите на Израел кон палестинските цивили претставуваат злосторство против човештвото, и дека нема ниту една праведна причина за ваквата агресија.
„Нема ниту една праведна причина за нечовечката блокада во Газа. Веднаш треба да запре ова масивно казнување. Меѓународната заедница е должна да ги штити Палестинците“, додаде тој.
Шефот на турската дипломатија подвлече дека треба да се најдат ефективни алатки за да се стави крај на неказнивоста на Израел.
„Да бидеме реални. Болките на Палестинците ќе продолжат сѐ додека не ги третираме основните причини на судирот. Не може да се стави крај на лошата состојба во која се наоѓаат Палестинците сѐ додека не се стави крај на илегалната окупација и сѐ додека [Палестинците] немаат своја држава“, нагласи Чавушоглу.
Турскиот министер рече дека Советот за човекови права на ОН игра важна улога во сиве овие области, и дека веќе постои потреба да се направат чекори, а не само да се зборува.