Muhammed Emin Canik
22 Октомври 2023•Ажурирај: 23 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Одбивањето на Израел да дозволи влез на горива во Појасот Газа е закана за животите на 130 предвременородени бебиња во болниците во опколената енклава, соопштија локалните власти, известува Анадолу.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека „130 предвремено родени бебиња во Појасот Газа се соочуваат со смрт поради инсистирањето на израелските окупаторски сили да ја спречи испораката на горива неопходни за работата на болничките генератори.“
Укажувајќи на недостатаокот на горива, палестинското Министерство потсети на бројните потешкотии во работата на генераторите во регионот, кој околу две недели е изложен на интензивни израелски напади.
Недостатокот на струја им отежнува на болниците да ја користат медицинската опрема, оневозможувајќи го лекувањето на болните и ранетите.
Портпаролот на израелската војска, Авичај Адри, објави дека нема да дозволи влез на горивата во Газа.
Газа доживува тешка хуманитарна криза. Овој регион е без струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.
Борбите започнаа на 7. октомври, кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа. Оваа операција доби димензии на неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви, но и болници.
Според податоците на палестинското Министерство за здравство, бројката на загинати во Газа во текот на израелските бомбардирања се зголеми на 4.385, од кои 1.756 се деца, а 1.000 се жени.
Израелското Министерство за здравство денес соопшти дека бројката на смртни случаи во Израел изнесува околу 1.400, а повредени се 5.132 лица.