Selman Aksünger
17 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
АМСТЕРДАМ (АА) - Холандската новинарка Ингеборг Беугел, која на прес-конференција го обвини грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис дека лаже, соопшти дека размислува да ја напушти Грција поради заканите што ги добива, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според холандските медиуми, Беугел размислува да ја напушти Грција по прес-конференцијата на која се расправаше со премиерот Мицотакис, бидејќи стравува за својата безбедност.
Во изјавата за холандскиот весник „Алгемен Дагблад“ (Algemeen Dagblad), Беугел рече дека еден ден по прес-конференцијата била нападната од екстремен десничар.
Беугел, наведувајќи дека напаѓачот, кого го забележала додека одела во маркет, фрлил камен кој малку ја поткачил нејзината глава, рече дека повеќе не се чувствува безбедно.
Новинарката истакна дека првично не ѝ било грижа за нападот, но по предупредувањата на грчките колеги ја сфатила сериозноста на ситуацијата дека во Грција нејзиниот живот не е безбеден.
На прашањето на новинарот на „Алгемен Дагблад“, зошто сегашната грчка Влада има толку реакции кон неа, Беугел одговори: „Во Грција мигрантите се третираат многу лошо и оваа ситуација се чува во тајност.“
Од Здружението на холандски новинари (NVJ) истакнаа дека грчките власти се одговорни за безбедноста на Беугел.
- Совети да ја напушти Грција -
Според холандските медиуми, холандското Министерство за надворешни работи и Холандската амбасада во Атина ја советувале Беугел да ја напушти Грција.
Се нагласува дека Беугел ќе ја напушти Грција при првата можност, но не сака да го прецизира времето поради безбедносни причини.
Во меѓувреме, холандската пратеничка во Европскиот парламент, Тинеке Стрик, на својот профил на Твитер, опишувајќи го како скандал настанот што се случи со новинарката Беугел, побара од Европската комисија и холандскиот премиер Марк Руте да го осудат Мицотакис.
- Го обвини Мицотакис дека лаже -
По средбата со холандскиот премиер Марк Руте, кој беше во посета на Атина минатата недела, настана тензичен дијалог меѓу Мицотакис кој на прес-конференција одговараше на новинарски прашања, и холандската новинарка Беугел.
На прес-конференцијата која се емитуваше во живо, Беугел го праша Мицотакис: „Зошто лажете во однос на насилното враќање назад на мигрантите?“
Беугел, која работи како фриленсерка за холандските медиуми, претходно беше обвинета за помагање на мигрантите во Грција, бидејќи наводно била домаќин на 23-годишен авганистански бегалец во нејзиниот дом. Прашањето беше доведено до грчкото правосудство.