свет

Хамас ја отфрли новата резолуција на ОН за Газа

Хамас порача дека давање задачи и надлежности на меѓународните сили во самата Газа, „вклучително и разоружување на отпорот, ги лишува силите од неутралност и ги претвора во страна во конфликтот во полза на окупацијата“

Diyar Güldoğan  | 18.11.2025 - Обновена : 18.11.2025
Хамас ја отфрли новата резолуција на ОН за Газа

ВАШИНГТОН (АА) – Палестинската група Хамас денес ја отфрли резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, подготвена од САД, со која се овластува формирање Одбор за мир и Меѓународни сили за стабилизација (ISF) во Појасот Газа, јавува Анадолу.

„Резолуцијата наметнува меѓународен механизам за надгледување на Појасот Газа, што нашиот народ и неговите фракции го отфрлаат“, се вели во соопштението на Телеграм.

Реакцијата следуваше веднаш по усвојувањето на резолуцијата, која доби 13 гласа „за“, додека Русија и Кина беа воздржани.

Хамас порача дека давање задачи и надлежности на меѓународните сили во самата Газа, „вклучително и разоружување на отпорот, ги лишува силите од неутралност и ги претвора во страна во конфликтот во полза на окупацијата“.

Минатиот месец, Израел и Хамас ја прифатија првата фаза од планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп, кој предвидува прекинот на огнот за ставање крај на двегодишната војна и договор за ослободување на заложниците.

Резолуцијата утврдува дека присуството на Одборот за мир и ИСФ ќе остане овластено до 31 декември 2027 година, со можност за повторно одобрување, во целосна координација со Египет, Израел и другите држави што соработуваат со ИСФ.

Хамас наведе дека која било меѓународна сила, доколку се воспостави, „може да биде распоредена единствено на границите за раздвојување на силите и мониторинг на прекинот на огнот, и мора да биде целосно под надзор на ОН“.

САД се заблагодарија на 15-члениот Совет за безбедност за усвојувањето на резолуцијата, како и на земјите што ја поддржаа иницијативата, меѓу кои Катар, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Индонезија, Турција и Јордан.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.