Ali Semerci
13 Јануари 2021•Ажурирај: 14 Јануари 2021
ГАЗА (АА) - Здружението на затвореници при палестинското движење Хамас предупреди дека палестинските затвореници во израелските затвори се наоѓаат во голема опасност поради ширењето на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Се наведува дека палестинските затвореници се наоѓаат во сериозна опасност откако во четвртиот оддел на израелскиот затвор „Рајмонд“, се откриени нови случаи на Ковид-19.
Во соопштението се наведува дека Владата на Израел и министерот за јавна безбедност, Амир Охан, ги сметаат за одговорни бидејќи барале палестинските затвореници да не бидат вакцинирани против Ковид-19.
Се додава дека одлуката за невакцинирање на палестинските затвореници е во спротивност со меѓународните норми и конвенции, и ги повикаа сите релевантни меѓународни институции и организации да преземат потребни мерки против злосторствата кои ги врши Израел.
Абдунасир Ферване, шефот на Канцеларијата за истражување и документирање на затворениците при Палестинската ослободителна организација (PLO), изјави дека палестинските затвореници во израелските затвори се во многу тешка и опасна ситуација поради Ковид-19 и неможноста да се вакцинираат.
Според податоците на Палестинското здружение на затвореници, 188 Палестинци во израелските затвори се заразени со коронавирусот.
Според палестинските службени извори, во израелските затвори се наоѓаат 4.400 Палестинци, вклучувајќи 41 жена, 170 деца и 380 административни затвореници.