Selen Temizer, Ömer Tuğrul Çam, Ata Ufuk Şeker
15 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека инвестициите во Западен Балкан може да се сметаат за инвестиции во иднината на Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето редовно обраќање пред Европскиот парламент за состојбата во Унијата, Фон дер Лајен истакна дека постои добар дух на сите полиња, првенствено во борбата против пандемијата на Ковид-19 како најголем здравствен проблем на векот.
„Избравме заедно да напредуваме. Вакцините се достапни во сите региони на Европа. Исто така, заедно се бориме против најлошата економска криза во изминатите неколку децении. Мислам дека можеме да бидеме горди на тоа“, рече Фон дер Лајен.
Истакнувајќи дека Европа е меѓу лидерите во светот во процесот на имунизација против Ковид-19, Фон дер Лејен рече дека европските производители на вакцини обезбедиле 700 милиони дози за Европејците, и повеќе од тоа за повеќе од 130 земји во остатокот од светот.
„Наш приоритет е да ја забрзаме глобалната имунизација затоа што сме свесни дека во некои неразвиени земји стапката на вакцинација не надминува еден процент“, рече Фон дер Лајен.
Исто така, Фон дер Лајен особено укажа на потребата од зајакнување на соработката во одбраната во рамките на ЕУ и рече дека има потреба од „одбранбена унија на ЕУ“.
„Можеме да ги имаме најразвиените сили во светот, но зошто е тоа ако не ги подготвиме за дејствување. Она што нè задржуваше досега не се само недоволните капацитети, туку и недостатокот на политичка волја. Со зајакнување на политичката волја на ова поле, ние можеме да направиме многу“, рече Фон дер Лејен и најави дека ќе организира самит за европската одбрана со францускиот претседател Емануел Макрон.
„Време е за следното ниво за Европа“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека ЕУ секогаш ќе биде посилна во соработка со САД и НАТО.
Во своето обраќање за надворешнополитичките односи на Европската Унија, Фон дер Лејен посочи дека сите инвестиции во иднината на Западен Балкан претставуваат инвестиции во иднината на ЕУ.
Таа рече дека ЕУ сака да ги зајакне односите со своите соседи и да создаде нова агенда во Средоземното Море и да ги продолжи односите со Турција.
Таа, исто така, вети дополнителна помош за Авганистан за да спречи ескалација на гладот и хуманитарната криза во таа земја.
Фон дер Лајен ги обвини белоруските власти дека ги користат мигрантите на границата како алатка за уцена, додавајќи дека ЕУ е солидарна со Литванија, Летонија и Полска.
„Ова се хибридни напади што сакаат да ја дестабилизираат Европа. Ова не се толерира. Ова не се изолирани случаи. Ова го видовме веќе на нашите други граници, очекуваме да го видиме повторно“, рече Фон дер Лајен.
Посочувајќи на потребата да се воспостави единствено управување со миграцијата, Фон дер Лајен рече дека ривалите ќе продолжат да ја користат миграцијата за да ја нападнат Европа.
Претседателката на Европската комисија понатаму рече дека климатските промени се резултат на човечко дејствување и дека се потребни итни чекори за да се промени моменталната ситуација.
„Ќе ја одредиме цената на загадувањето, ќе ја исчистиме енергетиката, а нашите автомобили и авиони ќе бидат еколошки“, рече Фон дер Лајен.