Ekipa
12 Ноември 2017•Ажурирај: 12 Ноември 2017
ЗАМБОАНГА (АА) - Светските лидери се собраа денес на Филипините за да учествуваат на 31. Самит на Асоцијацијата на нациите на Југоисточна Азија (ASEAN), јавува Anadolu Agency (AA).
Главната тема на Самитот е „Партнерство за промени, ангажирање на светот“, а лидерите ќе разговараат за актуелните регионални и глобални теми, меѓу кои во прв ред се севернокорејските нуклеарни закани и најавата за официјалниот почеток на преговорите за кодексот на однесување во кризното Јужно кинеско Море.
Челниците на членките на АСЕАН исто така ќе разменат мислења за обесправеноста и насилството на муслиманите во Мјанмар, а се очекува да потпишат и консензус за заштита на правата на странските работници.
Со тридневниот Самит претседава филипинскиот претседател Родриго Дутерте, а на крајот на собирот претседавањето со организацијата АСЕАН ќе го преземе Сингапур.
Премиерот на Сингапур во завршното излагање во вторник ќе ја претстави програмата на сингапурското претседавање со организацијата, а претходно најави дека главни теми ќе бидат дигиталната економија и интернет трговијата.
На маргините на самитот се очекува и одржување на низа билатерални средби, од кои најмногу внимание привлекува најавениот разговор меѓу Дутерте и американскиот претседател Доналд Трамп.
Тие официјално ќе се состанат утре, а нивната прва средба се случи вчера во Виетнам, во рамките на Самитот на лидерите на Азиско - пацифичката економска соработка (APEC).