Hasan Esen
06 Јули 2020•Ажурирај: 07 Јули 2020
ЛОНДОН (АА) - Весникот „Фајненшел тајмс“ пишува дека Хафтар, водачот на нелегитимните вооружени сили во источна Либија, станал товар за Франција и дека главната причина за обвинувањата на Париз кон Анкара е обидот да се покрие грешката со поддршката на Хафтар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во написот на британски „Фајненшел тајмс“ се истакнува дека Франција е единствената европска земја што го поддржува Хафтар, кој напаѓајќи го главниот град Триполи сака да ја собори Владата поддржана од ОН.
Во написот се нагласува дека спорот меѓу Париз и Анкара се подлабочи поради интервенцијата на Турција во Либија и поради претрпените серија порази на Хафтар во последните неколку недели.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, како што пишува „Фајненшел тајмс“, инсистирал на тоа дека Париз има неутрален став, но тоа е резултат на поразите на силите на Хафтар, предизвикани од поддршката на Турција.
- „Згрешија повторно“ -
Во написот се споделува и мислењето на висок западен дипломат.
„Французите сфатија дека Хафтар веќе нема вредност и дека стана товар. Верувам дека се срамат затоа што повторно направија грешка. Соочени со оваа грешка мораа да ја оправдаат (политиката) и затоа ја обвинуваат Турција“, нагласи западниот дипломат.
Исто така во статијата се посочува дека Франција заедно со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), одлуката за поддржување на Хафтар ја донеле за заштита на својот трговски удел во нафтениот сектор.
- „Без интервенција на Турција ќе се доживееше хуманитарна катастрофа“ -
Во написот се пренесува и изјавата на еден висок европски дипломат.
„Да бидеме искрени, Турција го запре падот на Триполи. Без нивната интервенција ќе се доживееше хуманитарна катастрофа“, нагласи дипломатот.
Аналитичарите за надворешна политика наведуваат дека Франција го поддржува Хафтар затоа што смета дека ќе може да го контролира во согласност со традицијата на африканската политика за време на колонизацијата.
Истите аналитичари исто така нагласија дека Франција е шокирана од интервенцијата на Турција.
„Фајненшел тајмс“ во статијата потсетува дека Франција отворено го поддржала Хафтар кога ги започнал нападите врз Триполи и дека ракетите „Џавелин“ изработени од САД, а купени од Париз, биле пронајдени во камповите на Хафтар што беа заземени од силите на Владата за национално единство во Триполи.
- „Франција е доста изолирана“ -
Се наведува дека иако Хафтар има силна поддршка од Русија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Египет, Франција се обидела да добие поддршка од НАТО и од другите европски земји.
Исто така се додава дека другите европски земји го гледаат Хафтар како агресивен и како главна пречка за постигнување политичко решение.
Во статијата на весникот исто така одвоено е место и за Дороти Шмид, експерт за Блискиот Исток при францускиот Институт за надворешни односи.
„Франција е многу изолирана во однос на ова прашање“, нагласи Шмид.