Hamdi Yıldız
29 Март 2019•Ажурирај: 30 Март 2019
ГАЗА (АА) - На протестот за земја и враќање, кој е планиран за утре во Газа, ќе учествуваат сите палестински групи, јавува Anadolu Agency (AA).
Абдуллатиф ел Кану, портпаролот на Хамас, изјави дека Големиот марш за враќање е важен чекор кон прекинот на израелската блокада и остварување на правата за враќање.
Тој потсети дека поминала една година откако се одржуваат масовните демонстрации на границата со Газа. Кану порача дека на протестите што ќе бидат одржани утре ќе учествуваат сите палестински групи.
Палестинците на 30 март на границата на Појасот Газа и Израел организираат мирни демонстрации под името „Марш за големото враќање“. Демонстрантите бараат враќање на територијата од која се избркани, како и укинување на блокадата на Газа воведена во 2006 година.
Во интервенцијата на израелските војници на протестите од 30 март беа убиени повеќе од 230 Палестинци. Во истиот период во воздушните и тенковските напади на Газа се убиени најмалку 14 Палестинци.
Палестинците секоја година го одбележуваат „Денот на земјата“, за да се присетат на 30 март 1976 година, кога Израел од нив одзеде илјадници хектари земјиште.
По тој повод, Палестинците во земјата, но и низ светот, организираат различни активности за да се присетат на окупацијата која трае со децении, но и на невинонастраданите сонародници.
Се одржуваат и протестни маршови во знак на сеќавање на Палестинците убиени во 1976 година на протестите против експанзијата на Израел на палестинска територија.
На голем број собири се осудува политиката на населување на палестинските територии од Израел, нагласувајќи дека Денот на земјата треба да ја потсети меѓународната заедница на нивната одговорност кога станува збор за Палестина.
Палестинците сметаат дека одговорност на меѓународната заедница и заштита на правата на палестинскиот народ е основање независна држава Палестина и враќање на палестинските бегалци во татковината.
Од 1993 година, Израел го удвои бројот на доселениците на Западниот Брег. Повеќе од половина милиони Израелци живеат на окупираната палестинска територија. Четириесет отсто од Западниот Брег се наоѓа под израелска контрола. Sидот на раздвојување долг 78 километри, кој Израел нелегално го изгради, раздвојува повеќе од 850.000 Палестинци.
Денот на земјата се одбележува во Палестина од 1976 година, и тоа, на некој начин, е симбол на отпорот на Палестинците за да ја добијат назад својата земја.