Во израелските напади врз Газа убиени најмалку 20 Палестинци
Израел уби речиси 63.400 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад

ГАЗА/АНКАРА (АА) – Најмалку 20 Палестинци, од кои 13 додека барале хуманитарна помош, се убиени во денешните израелски воздушни напади низ Појасот Газа, соопштија медицински лица, јавува Анадолу.
Медицински извори изјавија дека седум Палестинци се убиени, а 10 се повредени од израелски армиски оган врз цивили во близина на пункт за дистрибуција на хуманитарна помош на улицата Салах ал-Дин во централна Газа.
Во напад на израелски дрон врз цивили во бегалскиот камп Бурејџ во централна Газа убиено е едно лице, а неколку се повредени.
Во градот Газа убиени се двајца браќа откако израелските сили ја погодија нивната семејна куќа во населбата Шеик Радван.
Уште две лица се убиени, а неколкумина се повредени кога израелските воени авиони погодија шатори на раселени семејства во областа Ал Макуси во северозападниот дел на градот Газа.
Во централна Газа, тројца Палестинци се убиени, а неколкумина се повредени во израелски напад врз цивили што барале помош во Деир ал-Балах.
Уште еден Палестинец го загуби животот во израелски напад на југот од истиот град.
Уште тројца Палестинци кои чекале хуманитарна помош се убиени во израелски напад во северниот дел на Рафа во јужна Газа.
Уште еден цивил е убиен во израелско артилериско гранатирање на јужните делови на истиот град, според медицински извори.
Нападите се дел од проширената офанзива на израелската армија во градот Газа како дел од пошироката стратегија за повторно окупирање на целиот Појас Газа.
Според очевидци, илјадници Палестинци избегале од градот во последниве денови кој е под силно израелско бомбардирање.
Израел уби речиси 63.400 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради своите воени дејства во енклавата.