Diyar Güldoğan
13 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
АСТАНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Казахстан Кајрат Абдрахманов, соопшти дека учесниците на сириските преговори денес пристигнале во казакхстанскиот главен град Астана, за третиот круг на преговорите што ќе започнат утре, јавува Anadolu Agency (AA).
„Делегациите пристигнаа денес, со цел да учествуваат во следниот круг од процесот во Астана за решавање на ситуацијата во Сирија“, истакна тој.
Утре, главниот град на Казакхстан ќе биде домаќин на дводневниот состанок на кој ќе присуствуваат претставниците од Русија, Турција и од Иран.
„Засега, не можам да ви кажам кој друг ќе присуствува на преговорите“, рече Абдрахманов. „Чекаме потврда од другите учесници“.
Сириската опозиција во саботата повика на одложување на преговорите до 20. март, поради прекршувањата на прекинот на огнот. Опозицискиот делегат Осама Абу Заид на социјалната мрежа „Твитер“ објави дека опозицијата нема да присуствува.
Министерството за надворешни работи испрати покани до ОН, САД и до Јордан. Абдрахманов изјави дека присуството на Јордан ќе го обезбеди учеството на опозицијата.
Тој додаде: „Формата и дневниот ред на преговорите зависи од земјите-гаранти (Русија, Турција и Иран)“.
„Министрите за надворешни работи на Турција и Русија, Мевлут Чавушоглу и Сергеј Лавров, денес остварија телефонски разговор во врска со преговорите“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Разговарано било за подготовките на состанокот и за спроведувањето на договорите за да се одржи прекинот на огнот, како и за воспоставување успешни интер-сириски преговори.
По прекинот на огнот, кој беше воспоставен на 30 декември, првиот круг на преговорите во Астана беше одржан на 23 и 24 јануари, под посредство на Турција, Русија и на Иран.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Оттогаш, според ОН, повеќе од 250.000 лица се убиени, а над 10 милиони се раселени.