Betül Yürük
31 Декември 2022•Ажурирај: 02 Јануари 2023
ЊУЈОРК (АА) - Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) вчера ја усвои резолуцијата со која од Меѓународниот суд на правдата се бара да изнесе советодавно мислење за правните последици на израелската окупација на палестинските територии, известува Агенција Анадолија (АА).
За резолуцијата гласаа 87 земји членки, додека против гласаа 26 земји, меѓу кои Израел и САД. Како воздржани на гласањето се изјаснија 53 земји.
Резолуцијата од судот со седиште во Хаг побара да го изнесе своето мислење „за правните последици што произлегуваат од континуираното кршење на правата на палестинскиот народ на самоопределување од страна на Израел, за израелската продолжена окупација, населувањето и анексијата на палестинските територии окупирани од 1967 година, вклучувајќи и мерки насочени кон измена на демографскиот состав“.
Израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердал, го осуди усвојувањето на резолуцијата и рече дека тоа е „одвратна одлука“ и „срам за ОН и секоја земја што ја поддржува“.
„Секоја одлука на правосудниот орган кој добива мандат од морално банкротираните и исполитизираните ОН е потполно нелегитимна“, рече Ердан.
Палестинскиот амбасадор Ријад Мансур порача:
„Ова гласање доаѓа ден откако е формирана новата Влада на Израел која најави дека ќе ја забрза колонијалната и расистичка политика кон палестинскиот народ.“
Судот на ОН последен пат го разгледуваше израелско-палестинскиот судир во 2014 година.