Ekip
08 Јуни 2022•Ажурирај: 09 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) не може да ја толерира употребата на храна како оружје од страна на Русија, рече денеска претседателката на Европската комисија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, Урсула фон дер Лајен предупреди: „Се соочуваме со судир на кризи, што ја засили несигурноста во храната и должничките проблеми низ целиот свет.“
Таа објасни дека потеклото на овие кризи е делумно структурно и исто така поврзано со пандемијата на Ковид-19, но истакна дека влијанијата се „масовно и намерно влошени од постапките на Путин“.
„Храната стана дел од оружјето на Кремљ за терор и ние не можеме да го толерираме ова“, истакна Фон дер Лајен.
Таа, бомбардирањето од страна на Русија на складишта за жито и блокадата на украинските пристаништа, го опиша како „студена, бесчувствителна и пресметана одмазда на Путин на некои од најранливите земји и луѓе во светот“.
Исто така истакна дека глобалната несигурност во храната е поради тоа што „Русија активно го вооружува гладот“ со блокирање на испораката на над 20 милиони тони на жито во Украина, а не поради санкциите на ЕУ кои „не ги опфаќаат прехранбените производи“.
Фон дер Лајен ја нагласи важноста да ѝ се помогне на Украина во извозот на земјоделски производи и увери дека ЕУ и нејзините меѓународни партнери нема да го ограничат сопствениот извоз на храна.
Таа истакна и дека блокот треба да го поддржи своето јужно соседство со 225 милиони евра за решавање на краткорочните потреби за снабдување.
„Европската комисија, исто така предложи мобилизирање на уште 600 милиони евра од Европскиот фонд за развој за да се зајакне отпорноста на Африка и капацитетот за производство на храна“, рече, повикувајќи ги пратениците на ЕУ да го одобрат предлогот.
ЕУ одвои 2 милијарди евра воена помош кон Украина и мобилизира повеќе од 4 милијарди евра за макрофинансиска помош, хуманитарна помош и поддршка за земјите на ЕУ кои ги примиле бегалците од Украина од почетокот на војната на 24 февруари.
Исто така, воведе шест пакети санкции насочени, меѓу останатите, и кон рускиот претседател Владимир Путин, министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, како и забрана за увоз на нафта и јаглен, извоз на луксузни стоки и исклучување на руските и белоруските банки од употреба на банкарскиот систем СВИФТ.
Се очекува блокот да одвои други 9 милијарди евра кредит за Украина.